Комбинатот се очекува да стартува со работа во текот на следната недела, велат Електрани на Македонија. „Мазутот се доставува со секојдневна динамика според пресметките на капацитетот за прием“, додаваат од таму.
ТЕЦ „Неготино“ годинава се вклучува во услови на глобална енергетска криза и енормен раст на цената на електричната енергија, поради кои околности производната цена на оваа термоцентрала, која во нормални околности беше висока, сега е пониска од цената на берзите, објаснуваат од „ЕСМ“.
Првиот човек на „ЕСМ“, Васко Ковачевски, и директорот на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ направија увид во подготовките. Велат дека комбинатот како државна електрана, има статус на ,,ладна резерва” во електро-енергетскиот систем и од страна на вработените постојано се одржува во состојба на готовност.
Во меѓу време, министерот за екомија Крешник Бектеши беше во Косово да преговара за испорака на јаглен за непречено работење на РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“. Тој се сретна со неговата колешка од Приштина, Артане Ризваноли, а на средбата било договорено да се потпише Меморандум за разбирање меѓу Македонија и Косово, со кој ќе се обезбедат потребните количини јаглен за производство струја од домашните енергетски капацитети.
Со Косово се преговара за набавка на три милиони тони јаглен годишно за следните пет години. По која цена – барем за сега официјална информација нема.