Трговскиот центар располага со вкупна површина од околу 160 илјади метри квадратни од кои околу 57 илјади метри квадратни е простор за закупување. Меѓу многубројните брендови во молот отворена е најголемата „Zara“ на Балканот во чии рамки има и „Zara Home“, како и глобалните брендови Reserved, Mohito, Sinsay, Cropp, House, Armani Exchange, Calvin Klein, Kiko Milano, Pandora, Mango, XYZ, Patrizia Pepe, Valentino, Tods, Furla, Neptun Electronics, Dsquared2, Massimo Dutti, De Facto, Madame Coco, Babor Cosmetics, Prenatal, Reserved, Oysho, The Athlete’s Foot, Twinset и многу други.

Покрај широката понуда на облека, чевли, модни додатоци, спортска опрема, книги и техника, трговскиот центар располага и со модерни кафетерии, посебен оддел за брза храна со капацитет за 800 посетители, хипер маркет „Тинекс“ и кино сали. Обезбеден е паркинг простор за околу 2000 возила, а „Ист Гејт Мол“ е единствениот во земјава кој е опкружен и со зелени површини.

Трговскиот центар се наоѓа на местото на поранешниот Скопски саем и е на само пет минути од центарот на Скопје.

Вкупната инвестиција на трговскиот центар е 103 милиони евра. Очекувањата се дека ќе има околу 12 милиони посетители годишно, а закупците ќе остварат нето промет од 120 милиони евра. Предвидено е да се отворат повеќе од 2500 вработувања пред се во секторот трговија, но и во услужните дејности и оние кои се компатибилни со трговијата.

– Ист Гејт Мол од денес за 360 степени го менува концептот за она што претставува еден трговски центар во секое време од годината и со тоа станува најпривлечна дестинација и за посетителите од блиското соседство, истакна главниот извршен директор на компанијата „Скопје Ист Гејт“, Игор Давков на официјалното отворање.

Трговскиот центар е само еден сегмент од мултифункционалниот проект „Скопје Ист Гејт“ кој предвидува и изградба на резиденцијален комплекс и канцелариски парк со вкупна бруто изградена површина од над 500.000 м2. Вкупната инвестиција на целиот проект се проценува на околу 350 милиони евра.

Инвеститор е групацијата „Балфин“ која го изгради и „Скопје сити мол“ кој во 2015 година го продаде на британската компанија „Hystead Limited“. групацијата „Балфин“ е основана во 1993 година и е активна на полето на недвижностите, малопродажбата, минералната индустрија, туризамот, енергетиката…