Како што велат надлежните од владата, странските инвеститори и во услови на пандемија продолжуваат да инвестираат во земјава, се зголемува извозот и се најавени нови големи инвестициски циклуси.

Премиерот Зоран Заев при презентацијата на Интервентниот план за инвестиции 2021-2027 во вредност од 8 милијарди и 175 милиони евра, посочи дека во инвестицискиот план се вклучени и странски инвестиции кои претстојат.

Станува збор за неколку компании од Германија, од Белгија, САД, Швајцарија, Турција, Холандија, Словенија и други кои инвестираат во ТИРЗ-овите во Македонија од повеќе индустриски сектори, како фармацијата, автомобилската, прехранбената, градежната индустрија, бројлерското производство, но и други области.

-Ова значи отворање нови работни места во сите региони, достоинствени плати, внес на нова технологија, раст на извозот и на севкупната економија, рече Заев.

А од опозицијата пак, се навраќаат на моментот од 2019 година кога токму премиерот Заев се пофали со најава на нови инвестиции, но од истите никој не може да види ниту пак да осети некаков резултат.

– Во август 2019 година Заев ветуваше 5 милијарди евра инвестиции во инфраструктура, патишта, железници, училишта, градинки, водоводи, пречистителни станици, енергетика, а резултатот од тоа е огромна НУЛА. Реализацијата на капиталните инвестиции во текот на целата власт на Зоран Заев е катастрофална. Единствено успеаа да го зголемат долгот за 2,5 милијарди евра нов долг и да го искачат на историски највисоко ниво од 63% од БДП.

Вчера и Гордана Димитриеска-Кочоска од ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција ги изнесе изјавите на Заев од минатото и рече дека како и тогаш, овојпат повторно станува збор за негова лага.

– Најкорумпираната влада во Европа предводена од Зоран Заев, наместо работа нуди нови шарени лаги и замајување на јавноста. Да можеа имаа 4 години нешто да направат во економијата, а во реалноста ни се случува секојдневно тонење и осиромашување. Не беа способни да ги реализираат ни тие 5 милијарди евра кои ги ветуваа пред некое време , нема да можат ни овие нови милијарди евра кои сега ги ветуваат. Да сакаа да направат нешто барем ќе ги завршеа проектите кои ги остави ВМРО-ДПМНЕ или барем ќе го доградеа автопатот Кичево-Охрид. Но едноставно, неспособни се, истакна Кочоска.