Министерот за надворешни работи на Македонија, Тимчо Муцунски претходната недела оствари историска средба со американскиот државен секретар Марко Рубио. Со ваквата средба Муцунски стана првиот министер од Балканот кој се сретнал директно со новиот шеф на американската дипломатија. Средбата, одржана во Вашингтон, претставува значаен чекор во зајакнувањето на стратешкото партнерство меѓу двете земји и отвора пат за конкретни мерки во повеќе области.
Утрово премиерот Мицкоски ја образложи средбата. Вели дека средбата траела 45 минути и дека Муцунски со тоа е седмиот министер од Европа којшто билатерално бил примен од државниот секретар Рубио.
Македонија меѓу првите држави со можност за договор за слободна трговија со САД
Моите очекувања се позитивни, очекувам да бидеме меѓу првите земји во светот што ќе добиеме договор за слободна трговија со САД, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на стредбата на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и државниот секретар на САД Марко Рубио.
-Можам да кажам дека Тимчо Муцунски е помеѓу седум министри за надворешни работи од Европа кои што на билатерално ниво беа примени од страна на државниот секретар Марко Рубио во Стејт Департментот во САД, средбата траела околу 45 минути на која што уште еднаш беше истакната стратешката соработка и значајот на стратешката соработка помеѓу двете земји, рече Мицкоски.
Муцунски: Стратешкото партнерство со САД добива нова динамика
„Ја завршуваме посетата на САД со силна порака на партнерство и поддршка. Разговаравме за заедничката заложба за регионалната стабилност, европската интеграција и безбедносната соработка. Поддршката од САД ќе продолжи со засилен интензитет“, изјави министерот Муцунски.
Во меѓувреме, министрите на земјите од Западен балкан едвај стигнаа до замениците на Марко Рубио. Ваквата средба се коси со ставовите дека ВМРО-ДПМНЕ ја изолира Македонија. И Твитерџиите дадоа коментар.
🇦🇱 и 🇲🇪 претседатели Бегај и Милатовиќ, 🇷🇸 министер за надворешни едвај стигнаа до заменик-државниот секретар Ландау, на маргини на настани во 🇺🇸.
Пак да лаете дека ВМРО ја изолира Македонија ❤️ pic.twitter.com/08MZGKB1e2
— Tochka X (@tochkaiks) June 2, 2025
Зајакнување на соработката во безбедноста и економијата
Муцунски и Рубио разговараа за унапредување на соработката во рамките на НАТО, со фокус на регионалната безбедност и стабилност. Министерот ја потврди определбата на Македонија за издвојување најмалку 2% од БДП за одбраната, во согласност со НАТО стандардите. Дополнително, беа разгледани можностите за зголемување на економската соработка и трговската размена, со акцент на американските инвестиции во земјата.
Поддршка за евроинтеграциите и регионалната стабилност
Двајцата функционери ја истакнаа важноста на продолжување на реформите и евроинтегративниот процес на Македонија. Рубио ја реафирмираше поддршката на САД за членството на земјата во ЕУ, нагласувајќи дека стабилноста на Западен Балкан е од стратешки интерес за Вашингтон. Муцунски, пак, ја истакна потребата од предвидливост во процесот на пристапување, барајќи јасна поддршка од европските партнери.
Оваа средба се смета за пресвртница во билатералните односи и се очекува да резултира со конкретни иницијативи во областа на безбедноста, економијата и евроинтеграциите.