Истрагата за случајот со домовите за стари лица во Капиштец и Бутел, каде беше откриено нечовечко и сурово постапување кон згрижените лица, сè уште трае. На сопственичката на домовите и на 48-годишната директорка пред неколку дена им беше продолжен притворот за уште еден месец, соопштуваат од Основното јавно обвинителство.
„Истрагата е во тек. Интензивно се преземаат дејствија и се вршат распити на лица. Се очекува и медицинското вештачење за состојбата на згрижените лица и наредените анализи. Со оглед на делото, јавниот обвинител одлучи да бара продолжување на мерката притвор за осомничените,“ соопштија од ОЈО за ТВ 24.
Двата дома — „Арија“ во Бутел и „Актив“ во Капиштец — веќе ги изгубија дозволите за работа. Владата ја разгледува информацијата од Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и се очекува и одземање на одобрението за основање на приватната установа.
Од МТСП информираат дека сите згрижени лица се преместени и дека најголемиот дел се сместени кај своите семејства.
„Старите лица се целосно прифатени од нивните семејства, кои понатаму имаат право да склучат управни договори со други установи за социјална заштита. Дел од лицата се сместени во приватни домови кои ги исполнуваат условите, а едно лице е згрижено во Јавната установа за стари лица ‘Зафир Сајто’ во Куманово,“ соопштија од Министерството.
Инспекциските служби минатата година веќе ѝ изрекле опомена на сопственичката за несоодветна спецификација на оброци во домовите.
Според првичните наоди од истрагата, згрижените лица биле изложени на нехумани услови: добивале храна со поминат рок, по две лица спиеле во еден кревет, биле заклучувани во простории, а на дел од нив им била дадавана терапија што не била препишана од лекар.
Во државата, според регистарот на Министерството за труд и социјална политика, функционираат 46 приватни установи за згрижување на стари и изнемоштени лица.
Во текот на 2024 година, инспекциските служби издале 18 решенија за отстранување неправилности во 16 установи, додека годинава неправилности се констатирани само во една установа.
