По намалувањето на глобалните емисии на јаглерод диоксид минатата година како резултат на согорување на јаглен, нафта и гас, оваа година пораснаа во 20 -те најбогати нации во светот, според новата студија.

Извештајот за транспарентност на климата покажа дека емисиите на јаглерод ќе се зголемат за четири проценти во Г-20 оваа година, откако во 2020 година паднаа за шест проценти поради пандемијата на коронавирусот.

Кина, Индија и Аргентина дури ќе ги надминат емисиите од 2019 година.

Извештајот, составен од 16 истражувачки организации и групи за заштита на животната средина, предвидува дека употребата на јаглен во земјите – членки на Г-20 годинава ќе се зголеми за пет проценти.

Најголем пораст е забележан во Кина, која е одговорна за речиси 60 проценти од растот, но зголемувањето на јагленот се случува и во САД и Индија.

Авторите на извештајот велат дека континуираната употреба на фосилни горива ги поткопува напорите за контрола на температурата.

Извештајот, исто така, укажува на некои позитивни случувања, вклучувајќи го и растот на сончевата енергија и енергијата на ветерот во побогатите земји, со рекордни количини на нови капацитети инсталирани во земјите на Г-20 минатата година.

Обновливите извори на енергија сега испорачуваат речиси 12 проценти од енергијата во споредба со 10 проценти минатата година.

Уште две недели остануваат до климатската конференција КОП 26 во Глазгов, а една од целите на оваа конференција е преземање чекори за одржување важен температурен праг од 1,5 степени Целзиусови.