Речиси две третини од анкетирани ученици во средните училишта во Скопје сметаат дека има врсничко насилство во нивното училиште, а околу една третина биле жртви на некоја форма на врсничко насилство во изминатата година, покажува истражувањето спроведено од Институтот за човекови права. Од декември 2021 до февруари 2022 биле анкетирани 995 ученици и 255 наставници за темата булинг, говор на омраза и дискриминација. И учениците, и наставниците сметаат дека говорот на омраза е најраспостранет на социјалните мрежи.
Според наодите од истражувањето кои беа презентирани денеска на конференција, мнозинството испитаници сметаат дека само мал дел од булингот се пријавува, а најмногу се случува во основно училиште. Во однос на полот, девојчињата за разлика од момчињата, сметаат дека врсничкото насилство е поприсутно во нивното училиште. Учениците сметаат дека говорот на омраза најчесто го има на социјалните мрежи и во изминатата година oколу една четвртина од нив биле изложени на некоја форма на говор на омраза.
Истражувањето упатува на заклучок дека постои голема тешкотија да се зборува за личното искуство со говор на омраза од перспектива на жртва. Додека голем број ученици сметаат дека омразата е изразена преку говор во училиште е честа појава, само мал дел се спремни да зборуваат, а оттука и да пријават доколку биле жртви на говор на омраза.
Претседателка на Институтот за човекови права, Маргарита Цаца Николовска, изјави дека децата на различни начини се повредуваат меѓу себе – физички напади, кои може и да не се силни но да имаат дискриминаторска намера, потоа говорните навреди за изгледот, сексуална ориентација, родовата припадност итн. Наставниците и учениците, рече таа, биле пријатно изненадени и одговарале на нивните прашања, но се неподготвени овие проблеми да ги изнесат во јавност и да пријавуваат дискриминации, булинг и други вознемирувања.
– Зачудувачки лоши резултати има за тоа што се случува во училиштата – и во основните, и во средните. Дискриминацијата е многу присутна, а социјалните мрежи имаат многу голема улога. Децата знаат да бидат неверојатно јаки во навредувањето, а од другата страна децата кои се навредувани и дискриминирани немаат големи можности за одбрана. Нивната единствена одбрана е тоа да го пријават, а прашање е каде ќе пријават и кој во моментот ќе реагира – дали наставниците или психолозите во училиштата кои се од голема важност. Сето тоа мора да биде многу поканализирано и да има поголема спремност да се преземат активности. Пошироката јавност да биде запозната и да можат и децата и родителите и наставниците да реагираат, изјави Николовска.
Според неа, во наставните програми треба да има содржини за препознавање дискриминација, што значи таа кај децата, како да се избегнува и како тие да се заштитат. Во спречување на врсничкото насилство, нагласи таа, голема улога имаат родителите, наставниците, а и самите деца да се охрабруваат да пријавуваат и да има инструменти за да се реагира.
Гордана Блажевска-Спиридонова, училишен психолог во скопската гимназија „Никола Карев“, истакна дека е важно децата да ги разликуваат формите на насилство и да препознаат дека има, на пример и емоционално и социјално насилство.
-Дека може да биде форма на насилство ако некое дете го изолираме, не го дружиме, не го викнеме на роденден, го исфрлиме од групата на социјалната мрежа што сме ја формирале и дека тоа дете може да има последици. Тие мислат дека имаат право на вакво однесување. Присутни се сите форми на вербално и психичко насилство и ги практикуваат. И ние сме средина која нормализира различни форми на насилство поради што децата ги читаат ваквите пораки и сметаат дека е тоа социјално прифатливо однесување. Единствен начин за справување е редовно да се зборува со децата дека ова е неприфатливо однесување, да се развива емпатичност/сочувствителност, која е основна бариера пред суровоста. Ако не препознаваме како некој непријатно се чувствува кога ќе му кажеме вака или онака, тогаш ќе бидеме сурови мислејќи дека имаме право на изразување, рече Блажевска-Спиридонова.
Според заменик-министерот за образование и наука Лулзим Алиу, за да се промени состојбата во која две третини од анкетираните средношколци потврдуваат присуство на булинг, потребна е поголема проактивност и на институционално и на лично ниво и дека битката за ваквата појава во општеството, рече, се почнува во семејството во кое детето ги учи моралните вредности.
-Образованието е најдобар механизам системски да се влијае на однесувањето на цели генерации и за позитивна трансформација на општеството. Во оваа насока, МОН со низа партнери спроведува повеќе проекти, активности и крупни реформски процеси со кои се менува основата на образовниот систем. Новите наставни програми и материјали за учење ги насочуваат учениците кон граѓански вредности поврзани со родовата еднаквост, инклузивноста, мултикултурализмот, толеранцијата и почитување на различностите. Новите наставни материјали не поддржуваат предрасуди и ги прикажуваат лицата од ранливите групи како рамноправни членови на општеството. Ние работиме на создавање училишна клима во која сите ученици се чувствуваат прифатени и поддржани, рече Алиу и додаде дека МОН ќе ги земе предвид презентираните резултати од истражувањето и тие ќе му помогнат во креирање на идните политики.
Притоа соопшти дека се подготвува нова програма за психолошко советување на родителите на учениците и на самите ученици кои во текот на воспитно-образовниот процес покажуваат однесување несоодветно на нивната возраст, доживеале некоја форма на насилство, драстично го намалиле успехот во учењето итн.
Институтот за човекови права го реализира проектот со финансиска поддршка од Амбасадата на Германија и во негови рамки се изготвени дигитални курсеви за наставници и за ученици за препознавање на овие негативни појави, достапни онлајн: https://www.ihracademy.org.mk/
Изготвена е и Анализа за влијанието на социјалните и на мас-медиумите во креирањето на јавното мислење и последиците од него изразени преку градење стереотипи, дискриминација, булинг и говор на омраза кај средношколците. Сите продукти (анализи, видеа, извештаи, визуализации) се достапни на интернет-страницата на Институтот за човекови права: https://www.ihr.org.mk/mk/tekovni-proekti/zashtita-od-diskriminacija-bulingi-govor-na-omraz