ВМРО-ДПМНЕ најавува блокадата да трае се додека не се распишат предвремените парламентарни избори.

ВМРО-ДПМНЕ од денеска ја почна блокадата на собранието, а тоа значи и дека сите закони кои треба да се донесат нема да можат без нивна поддршка.

Ова значи дека СДСМ сама не може да ги изгласува законите ставени на дневен ред, а за нивно изгласување ќе бидат потребни и пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Идејата, според координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски е да се „попречат штетните закони и политики“.

ВМРО-ДПМНЕ најави дека и покрај блокадата ќе учествува на претстојната расправа за ребалансот на буџетот.

Од опозицијата најавуваат дека „се што е штетно ќе биде блокирано“.

-Ќе има активна блокада за спас од ценовните шокови, блокада на криминалната банда и лицемерието на власта, блокада за спас од сиромаштијата. Ќе почнеме од Собранието зашто таму се носат штетни закони. Се што е штетно ќе биде блокирано, но има и процеси кои на дневна основа треба да течат. Следува ребаланс на буџетот на кој активно ќе учествуваме и ќе ги кажеме сите забелешки и ставки преку кои мислат да го испразнат буџетот, вели координаторот на пратеничката група Мицевски.

Одлуката за блокада беше донесена едногласно. На координативната средба присуствуваше и лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Одлуката за активна блокада на Собранието претходно ја донесе Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, откако премиерот Ковачевски не ја прифати поканата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за средба на која ќе стане збор за предвремени избори.

-Ковачевски и Владата одбија дијалог во четири клучни области за граѓаните – економија, здравство, образование и меѓународна политика со акцент на блокадите од Бугарија, порача Мицевски.

Тој вели дека опозицискиот блок е подготвен да оди до крај „за да ја осигура иднината на граѓаните“.

ВМРО-ДПМНЕ најавува блокадата да трае се додека не се распишат предвремените парламентарни избори.