Здравствената заштита (85%) и економско- социјалната стабилност (82%) се најважните теми од интерес на општата популација што живее во земјава, и преземањето специфични прагматични активности за подобрување на квалитетот на животот е клучна мотивација за луѓето да станат општествено и политички активни – ова го покажува сеопфатната анализа за „Влијанието на демографските фактори врз учеството на граѓаните во јавниот живот и едукацијата на гласачите во Северна Македонија“, изработена во рамки на Проектот „Поддршка на изборни реформи“ имплементиран од страна на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) во партнерство со Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).

Истражувањето, како што информираат од НМСМ, опфаќа квантитативна анкета лице в лице и квалитативно истражување спроведено од ТИМ во периодот од 30 јули до 31 август 2020 година на национален репрезентативен примерок од 1.497 граѓани. Анализирани биле приоритетите на гласачите, ограничувањата и мотивацијата кај 13 различни демографски групи и профили на гласачи меѓу кои и специфични групи како млади, луѓе кои гласаат првпат, жени од рурални средини и лица со попреченост.

Анализата, како што информираат од НМСМ, покажува дека речиси 71 процент од испитаниците не се заинтересирани за поактивно граѓанско учество, а над 52 проценти сметаат дека како граѓани не можат да имаат значително влијание во нивната општина. Речиси половина од општата популација (47%) е „многу“ или „донекаде заинтересирана“ за тековните општествено -политички случувања во земјата и светот, додека нешто повеќе од половина од граѓаните (53%) „воопшто не се“ или „не се многу заинтересирани“. Гледано според пол, мажите се повеќе општествено ангажирани (40%) отколку жените (26%).

Пандемијата со Ковид-19 котира највисоко меѓу општествено- политичките прашања од интерес на сите демографски групи, но во принцип граѓаните најмногу се засегнати за прашања кои влијаат врз квалитетот на животот и непосредната околина, како што се здравствената заштита, економската и социјалната стабилност, локалните проблеми, животната средина и образованието.

– Педесет и шест проценти (56%) од општата популација наведуваат дека гласаат редовно, 20% често, 12% понекогаш, 6% обично апстинираат и 4% редовно апстинираат од гласање. Кај сите демографски групи се забележува општа негативна перцепција за гласањето на избори кои за нив меѓу другото се синоним за „празни ветувања“, „лоши изборни кампањи“, „политички притисоци“ и “непотребно трошење пари“. Истражувањето покажува и дека различни демографски групи сѐ повеќе се одлучуваат да не излезат на гласање поради незадоволство од политичките партии во земјата кои според нив не се заинтересирани да одговорат на потребите на граѓаните. Воздржувањето од гласање, според испитаниците, е начин на изразување разочараност и револт против политичките партии, како и казна за неостварените ветувања, се вели во соопштението.

Сепак, анализата покажува дека, трите најважни фактори што позитивно влијаат на одзивот на испитаниците за гласање се: перцепцијата дека гласањето е граѓанско право и должност (56%); Изгледите за подобра иднина (42%); и Стравот дека гласот ќе им биде злоупотребен (29%). Според направеното истражување, граѓаните на кандидатските листи би сакале да видат повеќе познати лица, млади луѓе, претставници од нивната локална заедница и жени.

Телевизијата, според анализата, останува главен извор на информации за речиси половина од општата популација (49%), додека, пак, социјалните медиуми биле посочени од страна на 14% од популацијата. Понатаму следат веб- порталите со 13%, како и пријателите и семејството кои со 8% се посочуваат како главни извори на информации за граѓаните во врска со изборите.

Проектот: “Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија” е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) и има за цел да ги поддржи демократските и веродостојни изборни процеси кои го олеснуваат политичкото учество и социјалната интеграција со тоа што на гласачите им овозможуваат да ги изберат своите претставници и од нив да бараат отчетност. Проектот цели кон зајакнување на институциите вклучени во изборни процеси, внатрешно демократизирање на политичките партии и едукација на граѓаните.

Десетгодишниот проект кој стартуваше во 2019 година е имплементиран од страна на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) во партнерство со Националниот младински совет на Македонија.