Откако во Македонија, неколкупати странски дипломати беа пречекани со знамиња на други држави, денес Србија направи грешка за време на пречекот на италијанската премиерка, Џорџа Мелони, пренесе Макфакс.
Како што јавуваат српските медиуми, Мелони која се наоѓа во посета на Белград по пристигнувањето доби букет цвеќе од Вучиќ, а во знак на добредојде на улиците беа поставени знамиња – но не италијански, туку унгарски.
„Знамињата, како што секогаш се прави при пристигнувањето на странските претставници, беа поставени покрај автопатот и главните улици во градот, како и пред Палатата Србија, каде што е средбата меѓу италијанската премиерка и српскиот претседател. Пред Палатата знамињата беа правилно поставени, но проблем настана покрај автопатот. Некој во организацијата очигледно направил пропуст“, пишува „Нова.рс“.
Имено, комбинацијата на боите на италијанското и унгарското знаме е иста, но кај Унгарија тие се поставени хоризонтално, а кај Италија вертикално.
Dolazi nam Premijerka Italije, mentoli, ko god da je, okačili zastavu Mađarske.@avucic da li je stvarno moguće da tamo kod vas , po službama, protokolima, radi neko ko bar za ovo mozga nema…..aman. Blam blam.. pic.twitter.com/Yek6wVCtln
— Nataša Stojanović (@tashananana) December 3, 2023
Српското знаме беше поставено по должина, па така знамето го претставуваше симболот на Унгарија.
Во Македонија не еднаш во изминатите години беше направена грешка со знамињата. Шефицата на словенечката дипломатија Тања Фајон лани беше во Скопје, а нејзиниот колега Бујар Османи ја пречека со знамето на Словачка. Претходно, во 2018 година, експремиерот Зоран Заев го пречека тогашниот австриски канцелар Себастијан Курц во Скопје со знамето на Летонија. Понатаму, поранешниот француски амбасадор Кристијан Тимоние во 2019 година во Охрид беше пречекан со холандското знаме, а неколку месеци подоцна, Мило Ѓукановиќ беше дочекан со наопаку поставено црногорско знаме.