Само двајца патници отсега може да се возат во задниот дел од автомобилите, доколку не се од исто семејство, додека местото до возачот мора да остане празно, решија министерството за инфраструктура и министерството за здравство, пренесуваат во понеделникот италијанските медиуми.
Железничката полицијата доби овластувања да ги запира патничките возови, доколку има соменавања дека во возот се наоѓа лице заразено со коронавирусот. Во тој случај мора да биде дезинфициран дел од возот во кој бил заразениот за композицијата да може да го продолжи патувањето.
Покрај тоа, доколку е можно особено на големите железници станици, како што се римската, миланската и фиорентинската, ќе биде проверувана ткн „зелена пропусница“, италијанската верзија на ковид-потврдите, пред влегувањето на патниците во меѓуградските возови.
Во автобусите, пак, меѓу патниците и возачот ќе има заштитна преграда, а носењето маски останува задолжително, како и во возовите и во такси возилата.
Бројот на коронаинфекциите на дневно ниво во Италија е во пораст, но побавно отколку во другите европски земји, како на пример Германија. Седумдневната инциденца во петокот изнесуваше 78, а една седмица претходно 53, спроред италијанското министерство за здравство.
Во понеделникот повеќе од 84 отсто од Италијанците повозрасни од 12 години се целосно вакцинирани против коронавирусот, а најмалку 87 отсто ја примиле барем првата доза.