Стапката на инфлација во Германија значително ќе се намали на почетокот на следната година, кога веќе нема да биде под влијание на еднократните фактори како што е привремено намалениот ДДВ во 2020 година, објави германското министерство за економија

Скокот на годишната стапка на инфлација во октомври на 4,5 отсто, највисоко ниво од 1993 година, делумно ја одразува ниската споредбена основа во 2020 година кога владата привремено ја намали стапката на данокот на додадена вредност (ДДВ) за да ги ублажи ефектите од пандемиската криза.

Пониската стапка на ДДВ важеше до крајот на минатата година.

Дополнителна поддршка за растот на инфлацијата во најголемата европска економија даде наглиот раст на цените на суровините и енергијата.

Во меѓувреме, проблемите со снабдувањето станаа широко распространети, се вели во соопштението на Министерството, што значи дека индустриската активност веројатно ќе остане пригушена следната година, и покрај целосната нарачка.

„Ова особено се однесува на клучната автомобилска индустрија, која е погодена од недостиг на полупроводници“, соопшти Министерството.

Олеснувањето на ограничувањата за коронавирусот донесе подобрувања во услужниот сектор, што треба да ги компензира послабите перформанси на индустрискиот сектор, оценуваат тие.

„Сепак, ризиците повторно се зајакнаа поради тековниот развој на пандемијата и економијата во целина веројатно ќе порасне само умерено во последниот квартал од оваа година“, се додава во извештајот.

Германската влада неодамна ја намали прогнозата за економски раст за оваа година на 2,6 отсто, од проектираните 3,5 отсто во април. За 2022 година, кога растот треба да се забрза до 4,1 отсто, тие ја подобрија априлската проценка за половина процентен поен, потсетува Ројтерс.