Министерот за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани, во понеделникот, по двете сесии на средби на министрите на земјите од Западен Балкан, изјави дека Италија ќе се залага да има посилна улога во овој регион, пренесува Aljazeera Balkans.
„Италија сака да игра улога во име на Европската унија во Западен Балкан. Се согласуваме дека сите земји од Западен Балкан треба што поскоро да влезат во Унијата“, рече тој во Рим.
На министерските средби се разговарало за безбедноста на Западен Балкан и стабилноста на регионот, како и за зајакнување на Охридскиот договор меѓу Србија и Косово, пренесува Танјуг.
Се зборуваше и за заедничките напори на земјите за борба против илегалната миграција, зајакната економска соработка, како и за организирање нови бизнис форуми со учество на сите регионални компании.
Долго разговаравме и за енергетските прашања, за присуството на наши војници во земјите од Западен Балкан, кои играат позитивна улога – како во Косово, така и во Босна и Херцеговина и Албанија, рече Тајани.
Шефот на италијанската дипломатија потсети дека претходно во Верона се сретнал со претседателот на Србија Александар Вучиќ и дека е задоволен од тие разговори.
„Европа доцни кога станува збор за нејзината улога во процесот на интеграција, но сега треба да го надоместиме тоа време. Најавивме дека до крајот на годината ќе организираме втор состанок на министрите од Западен Балкан, за потоа да резимираме до каде сме стигнале со процесот на интеграција“, изјави тој.
Тој вели дека се направени чекори напред и на европската и на страната на земјите од Западен Балкан.
До лето ќе бидат преземени голем број чекори во оваа насока, рече Тајани.
Тој додава дека европскиот план за нормализација на односите меѓу Србија и Косово го смета за значаен чекор во дијалогот меѓу двете страни.