Антикорупциската комисија му препорача на Министерството за правда да има регистар на положени правосудни испити, изјави Билјана Ивановска претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) откако ја отвори темата за Барлет Џафери, син на претседателот на Собранието, кој положил правосуден испит пред да ги заврши студиите на Универзитетот на Југоисточна Европа.
-Ние ја отворивме темата, откривме дека тој универзитет каде што завршил прв степен на студии синот на претседателот, во четири години има издадено 449 такви уверенија за тригодишно образование со степен VII/1, што не соодветствува. Ја отворивме темата, но ние немаме истражен центар. Цело време кажувам со какви ограничени ресурси работиме и не можеме понатаму да истражуваме. Меѓутоа, транспарентноста е најголем борец против корупцијата и затоа побаравме да има електронско досие на нивната веб-страница и документите скенирани да се чуваат таму, па секој од новинарите ќе може за одреден човек да види дали ги исполнувал условите или не ги исполнувал и на кој начин му било прифатено барањето за полагање правосуден испит, изјави Иванова која денеска учествуваше на завршната конференција на проектот „Млади против корупција“.
Додека се разговарало на оваа тема слушнала, рече, дека поранешни министри имале дискрециско право да даваат некому предвремено полагање правосудни испит.
-Тоа никаде не постои во закон. Дури, во претходниот закон стоеше дека следува казна доколку му се дозволи на некој да полага пред време. Значи, нема простор за дискрециско право. Дискрецијата сама по себе создава многу непријатности и е основен извор на корупција затоа што дозволува да дојде до израз моќта на поединецот, суетата, влијанието од политиката итн. Затоа нашата заложба е да се минимизираат дискрециските права и да има објективен начин и за следење, и за покажување…, рече Ивановска.
Во однос на барањето на ДКСК за регистар со податоци кои треба да ги доставуваат институциите кои извршиле избор и именувања на функционери, Ивановска рече дека Комисијата го направила електронскиот софтвер, кој е во фаза на тестирање, и разговарале со одговорни лица што треба да им ги доставуваат информациите.
-Чекор по чекор, се надевам дека следната година ќе функционира сѐ како што треба, додаде Ивановска.