Државната изборна комисија (ДИК) денеска го заклучи Избирачкиот список за претстојните локални избори, што ќе се одржат на 19 октомври 2025 година, соопшти претседателот на ДИК, Борис Кондарко. Вкупниот број на гласачи запишани во земјата изнесува 1.832.415, од кои 1.717.803 се внесени во главните изводи на Избирачкиот список.
Кондарко појасни дека дополнително право на глас имаат и лица на привремена работа или престој во странство – вкупно 112.000, како и 2.162 лица кои се на издржување казна затвор или во притвор, како и 450 лица од домовите за стари лица.
– „Во посебниот извод на Избирачкиот список, за лицата кои согласно евиденцијата на надлежен орган се на привремена работа или престој во странство се запишани вкупно 112.000 избирачи. Во посебниот извод од Избирачкиот список за лица кои за време на изборите се наоѓаат на издржување казна затвор или се во притвор се запишани вкупно 2.162 избирачи. Во посебниот извод од избирачкиот список за лица кои се наоѓаат во установи за вонсемејно згрижување, а кои поднеле пријава за гласање, по принцип на активна регистрација во установата во која се згрижени се запишани вкупно 450 избирачи“, рече Кондарко.
Тој додаде дека сите граѓани ќе гласаат користејќи еден Избирачки список на гласачките места за советите на општините, Советот на Град Скопје и за градоначалници на општините, како и за градоначалник на Град Скопје.
Членот на ДИК, Ангелчо Ристов, посочи дека во државата се констатирани 3.480 избирачки места, при што 132 од нив имаат помалку од десет запишани гласачи. За овие места, гласањето ќе се спроведе на најблиското избирачко место.
– „Во предлог-упатството таксативно се наведени сите општински изборни комисии и избирачките места каде што гласањето нема да се спроведува на самото место, туку ќе се префрли на најблискиот одбор од избирачкото место со повеќе од десет гласачи“, појасни Ристов.
Општинските изборни комисии се задолжени во координација со подрачните и регионални канцеларии на ДИК да ги известат гласачите за овие промени.
Исто така, на седницата беше соопштено дека до ДИК се поднесени четири барања за набљудување на изборите, од Центарот за развој, реформи и обуки за изборни системи – Грузија, Амбасадата на Република Словачка во Македонија, Централната изборна комисија на Украина и здружението Институт за истражување и аналитика на политика Ромалитико – Скопје.