Интегрален текст од обраќањето на претседателот на владата и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Драги Карпошани, мои пријатели, сограѓани, комшии.

Секогаш е честа голема но и одговорноста силна да се говори во својата општина.

Пред малку го објавив слоганот со кој ќе настапиме на овие избори, а тоа е Вистинскиот избор. За твојот човек, за твоето мало, за твојата иднина. Овие избори се токму тоа. Твоето маало е повеќе од место.

Тоа е твојата љубов и твојата борба. Твојот дом!

Таму се твоите подеми и падови, првиот предизвик.

А да се биде човек значи да се сподели. Да се помогне.

Да се биде тука еден за друг. Така се гради доверба. Така се гради иднина.

Затоа вистинските промени доаѓаат со вистински луѓе.

Со вистински избори.

Со луѓе што знаат дека не можат сè, но се подготвени да почнат – и да истраат.

Сотир Лукроски е вистинскиот избор. И него го знам колку што се знам себе си. И најдобро знам за каков човек се работи. И денес гледам најголема критика за нашиот кандидат е дека ми бил другар. Замислете, мислеле таму што да нападнат затоа што не можат да кажат ништо друго, се работи за квалитетен човек и успешен човек надвор од политиката, нешто за кое еден од неговите против кандидати кој бара сламки за спас, не може да се пофали затоа што тој човек сè што има е благодарение на политиката, интригите, недоличното однесување полно со гнев, фрустрација, со кавгаџиството, и никако не можел да смисли нешто што е критика за Сотир освен дека ми е другар.

Јас со гордост можам да кажам дека ми е другар. Од детство. И токму затоа можам и да тврдам дека го познавам добро и дека знам дека никогаш нема да ги изневери карпошани. Тој е професионален, одличен менаџер со успешна кариера во приватниот сектор и има капацитет и што е најважно визија што сака да направи, програма и план како да работи и што да работи. Знае од кај да почне, знае што недостасува и што сака да направи да биде подобро за сите граѓани. И да, тој ми е другар, како што ми се другари и Орце за Скопје, Аце, Боби, Даре, и многу во партијата кои освен соработници ми се и другари, тим со кој работам и ќе работам посветено и заеднички на развој на државата и општините. И ако најголем грев им е тоа што ми се блиски, тогаш им порачувам на нивните противници да смислат нешто попаметно. Тоа не им проаѓа и не само што не им е логично туку само демонстрираат сериозен страв и паника. Не може таа паника да се сокрие преку кавгаџиски и невоспитани навреди и видеа, не може да се сокрие ни преку нарачките за напади лични и вулгарни против мене и моите соработници и пријатели и семејство. Без разлика дали нападите доаѓаат од СДС или Стефче кој е сличен со нив по убедување и нарав и на кого местото му е таму, сепак јасно е дека зад тие напади се крие страв, страв од политички неуспех и крај на лични кариери и можност да се видат јасно сите нивни скандали, криминали и махинации со општината но и со централната власт до пред една година. Затоа што време на отчетност доаѓа за сите, времето на правдата доаѓа.

Нема да го спречи или сокрие тоа ни личен напад ниту измислување на теми како резолуцијата за Бугарија каде јасно се гледа намерата на Филипче и неговиот гуру. Сè ќе биде јавно и транспарентно и ќе стане сè на очиглед на сите и од тоа е стравот. Ние се навикнавме на навреди. Ако видите наназад минативе години што не кажаа за мене, и што не употребија да го спречат нашето доаѓање на власт. И џабе. Народот го кажа своето. Одбра промени кои неминовно доаѓаат. Истo како што ќе дојдат промени во Карпош, општина во која ќе има многу проекти, многу добри мерки за граѓаните, директна помош, и инвестиции во инфраструктура, образование, екологија, организирање на општината… ќе биде добро, Карпош заслужува повеќе од ова досега. И неправедно е Карпош заложник на истиот ментален склоп на поединци кои не заслужуваат нова шанса. Гласот за СДС и Стефче е глас за Венко Филипче и нивно овозможување да добијат општина кон која ќе се однесуваат како што знаат и како што гледавме минативе години во државата.

Што се однесува до другите кандидати во Карпош, ние сакаме да соработуваме со луѓе со кои ќе најдеме заедничка платформа, а и Сотир е човек кој е широк и знае да оцени квалитет, да прифати идеи, сугестии, да направи широк тим со кој заеднички ќе создаваат дела и проекти за Карпош. Карпош мора да оди напред со промени, со нова енергија, со нова посветеност и одговорност. Со модерен човек кој дише со Карпош и живее за Карпош.

Затоа ве повикувам да се мобилизираме и да излеземе масовно на изборите да гласаме за вистинскиот избор кој нема да ве изневери, за Сотир Лукровски, човек во вистинска смисла на зборот, од твоето место и за твоето место, кој ќе работи за твојата иднина.

Карпош не е само општина – Карпош е емоција. Секоја улица, секое маало носи спомени, приказни и луѓе со кои сме израснале. Ова е срцето на Скопје – од Дебар Маало, преку блоковите во Тафталиџе, до парковите во Злокуќани. Карпош е душата на градот, а таа душа заслужува нова енергија.

Карпош мора да престане да биде жртва на политиканството и корупцијата. Време е да стане симбол на чесност и напредок. И тоа ќе го направиме со Сотир.

Сотир има програма што не е само хартија со ветувања. Тоа е мапа за вистински промени – чисти улици, зелени маала, модерни училишта, нови простори за спорт и култура. Секој жител ќе го почувствува градоначалникот во своето маало, во секој разговор и секое дело.

Она што најмногу го издвојува е неговата способност да обединува – да поврзува луѓе, да ги слушне нивните идеи и да создава широк тим што ќе работи за Карпош. Тоа е модерно лидерство, тоа е дух на новата генерација.

И затоа победата овде нема да биде само изборен резултат. Таа ќе биде порака – порака дека Скопје може да се прероди, дека духот на Карпош, духот на слобода и независна мисла, повторно ќе заживее. ЌЕ ЈА ИМА КАРПОШ МОЈАТА ПОДДРШКА И ЗАЕДНО ВЛАДАТА И ОПШТИНАТА ЌЕ НАПРАВАТ МНОГУ РАБОТИ ЗАЕДНО.

Почитувани сограѓани,

Време е Карпош да добие нова енергија, време е за нова посветеност и одговорност.

Затоа ве повикувам – масовно излезете на изборите, гласајте за вистинскиот избор, за човек што нема да ве изневери. Гласајте за Сотир Лукровски – човек од Карпош, за Карпош.
Карпош заслужува повеќе. Да славиме заедно голема победа