СДСМ нема предизборна коалиција ниту со ДУИ ниту со Левица, изјави денеска лидерот на партијата Венко Филипче, отфрлајќи ги обвинувањата на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој, сепак, се согласи со Мицкоски дека на локалните избори на 19 октомври граѓаните ќе избираат меѓу две опции – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
„Не, ние немаме коалиција ниту со ДУИ, ниту со Левица. Но се согласувам со премиерот дека граѓаните имаат две опции. Едната е напредна, проевропска, со чесни и компетентни кадри кои покажаа како се работи за доброто на граѓаните, а тоа е СДСМ. Другата е ВМРО-ДПМНЕ, која се служи со лажни кампањи, лаги и клевети, и која се докажа како неработничка партија што го блокираше и го запусти Скопје“, рече Филипче на прес-конференција заедно со кандидатката за градоначалник на Скопје, Каја Шукова.
Филипче најави дека СДСМ ќе води позитивна кампања со промоција на проектите реализирани од нивните градоначалници во изминатите четири години. Сепак, додаде дека нема да се воздржат од аргументирани критики кон работата на градоначалниците на другите партии, особено од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Силно ќе го критикуваме ВМРО-ДПМНЕ за блокирањето на Скопје, кое беше во интерес на партијата, а на штета на граѓаните“, изјави лидерот на СДСМ.
Во однос на изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој го критикуваше премиерот Мицкоски, Филипче оцени дека во кампањата ќе има многу такви пораки: „Еве кажав каква ќе биде нашата кампања, не би навлегувал да коментирам такви изјави.“
На пораката на Ахмети веднаш реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што возвратија дека тој „не е орел, туку врапче што ќе носи писма со понуди по поразот на изборите“.
Филипче додаде дека не би го изненадило ако ВМРО-ДПМНЕ води негативна кампања, имајќи го предвид нивното однесување во опозиција, но и откако се на власт. „Не е исто да се биде на власт и во опозиција. Потребен е поодговорен пристап од сите што се на власт, бидејќи работат за интересот на граѓаните“, рече тој.
Од друга страна, премиерот Мицкоски денеска повтори дека на изборите ќе има само две опции: „коалицијата меѓу СДСМ, ДУИ и Левица“ и коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. „Ова не е сојуз ‘во обланда’, туку јасна и профилирана коалиција“, изјави тој, додавајќи дека секој што нема да излезе на гласање индиректно ќе ја поддржи првата опција.