Утврдување предлог за избор на уставни судии е на дневен ред на денешната седница на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањето, а пред Комисијата за одбрана и безбедност е Предлог одлуката на Владата за продолжување на рокот за постоење кризна состојба до крајот на годинава. Во Собранието ќе заседава и Националниот совет за евроинтеграции, кој пак, треба да расправа за перспективите за европската интеграција на државата во пресрет на јунскиот самит на Европскиот совет.

Комисијата за прашања на изборите и именувањата, покрај за предлогот за кандидати за уставните судии, треба да расправа и за повеќе предлог – одлуки, меѓу кои за изменување на одлуките за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието, за избор на шеф, членови и заменици членови на Делегацијата на Собранието во Парламентарното собрание на Северноатлантската договорна организација (НАТО), за утврдување на составот на Делегацијата на Собранието во Интерпарламентарната унија (ИПУ). На дневен ред се и предлог – одлуките за избор на шеф и членови на Делегацијата на Собранието на РСМ во Парламентарното собрание на Организацијата за Црноморска економска соработка (ПАБСЕК), за изменување на Одлуката за именување на претседател, потпретседател, членови и заменици – членови на Националниот совет за евроинтеграции, за дополнување на Одлуката за основање на пратенички групи на Собранието за соработка со парламенти на други држави и избор на претседатели и членови на пратеничките групи за соработка со парламенти на други држави…

Продолжување на кризната состојба, како што стои во предлог одлуката, е со цел да се обезбеди континуитет во вршењето на активностите во услови на ковид пандемијата од страна на силите на Армијата и безбедносните сили на Министерството за внатрешни работи, како и навремено, ефикасно, ефективно и координирано дејствување на сите надлежни институции заради заштита на јавното здравје Владата ја усвои предлог одлуката за продолжување на рокот на кризната состојба на седницата на 1 месецов, на предог на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи.

Најавена е и седница на Законодавно-правната комисија, која, меѓу останатото, треба да одлучува по Предлог законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, во второ читање, предлог законите за изменување на Законот за поштенските услуги, на законот за постапување со бесправно изградени објкети, на Законот за сигурност во железничкиот систем, сите во второ читање.