ИЗБОРИ ВО УНГАРИЈА

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека едно од клучните прашања на претстојните парламентарни избори ќе биде дали Унгарија ќе стане „должнички роб“ поради финансирањето на руско-украинската војна.

Говорејќи на состанок во Капошвар, Орбан порача дека граѓаните на изборите закажани за април ќе имаат можност да кажат „не“ на понатамошното финансирање на војната, како и на кандидатурата на Украина за членство во Европската Унија, ставови што ги застапува неговата партија Фидес, пренесува агенцијата МТИ.

Тој ги повика гласачите да одбијат, како што рече, да плаќаат за функционирањето на украинската држава во наредните десет години и да кажат „не“ на зголемувањето на сметките за комунални услуги, кои, според него, се последица на војната.

Орбан оцени дека евентуалното членство на Украина во Европската Унија би значело директен воен конфликт меѓу ЕУ и Русија, нагласувајќи дека Унгарија се спротивставува на украинската кандидатура не поради недостиг на солидарност, туку затоа што, како што рече, „не сака да си наштети“.

Тој предупреди дека Украина долгорочно ќе остане нестабилна и неизвесна воена зона и дека Унгарија би можела лесно да биде вовлечена во конфликт поради своето членство во ЕУ или НАТО.

Во исто време, унгарскиот премиер изјави дека Европската Унија треба да склучи стратешки договор со Украина, но, како што нагласи, „таков што ќе биде добар“ и за Унгарија.

 

ИЗБОРИ ВО УНГАРИЈА