Европската Унија нема да ги набљудува претстојните избори, објавија бразилските власти.
Според властите, не биле исполнети сите неопходни услови за да се одобри сеопфатна мисија за надгледување на изборите. Меѓудругото, се бара и посета од десетина техничари во пресрет на гласањето во октомври.
Минатиот месец, бразилските власти соопштија дека за првпат повикале претставници на ЕУ да ги набљудуваат изборите, каде се очекува остра борба меѓу десничарскиот претседател Жаир Болсонаро и неговиот ривал, левичарот Луиз Инасио Лула да Силва, поранешен шеф на државата.
Болсонаро, кој ќе се кандидира за втор мандат, во повеќе наврати укажа на несигурност на системот за електронско гласање во земјата. Но, тој не изнесе докази за да ги поткрепи своите тврдења.
Во наредните месеци, помала и чисто „техничка“ комисија од ЕУ може да биде повикана за да ги набљудува изборите, беше соопштено.
Групи што и претходно ги набљудуваа бразилските избори, ќе бидат присутни и годинава. Меѓудругите, тука се и Организацијата на американските држави и Заедницата на земји што зборуваат португалски.