Актуелниот претседател на државата и кандидат за втор мандат Стево Пендаровски денеска гласаше на избирачкото место 2489 во МЗ Автокоманда во општина Гази Баба.
Изборите поминуваат во мирна атмосфера, барем во првите неколку часа од изборниот ден. Јас се надевам дека така и ќе завршат, како што личи на држава која што веќе три и пол децении е во демократија. Има информации дека на некои места во некои општини во некои изборни единици постојат обиди за органзиран бојкот, значи за неприфаќање на второто ливче за претседател. Ако тие информации се точни, јас би сакал да ги осудам однапред затоа што мислам дека не приличи на една демократија ако се ограничува правото на избор на луѓето кои дошле на гласачко место, којшто дошол на гласачко место треба спрема сопствена волја да реши дали ќе гласа на двата избора или на едниот избор, изјави по гласањето Пендаровски.
Засега, како што рече, тоа се информации кои не се потврдени. – Ако се потврдат тоа не зборува добро за состојбата на македонската демократија. Јас се надевам дека до крајот на денов ќе остане мирно. Процесот ќе биде транспарантен и сите учесници на изборнито процес и по завршувањето на гласањето во 19:00 ќе го дочекаат пребројувањето на резултатите и ќе честитаат на изборните победници, рече Пендаровски.
Прашан дали е оптимист по резултатите од првиот изборен круг, Пендаровски рече дека секогаш бил оптимист.
Јас секогаш бев оптимист по резултатите од првиот круг затоа што знаев дека кандидатите кои отпаднаа, тоа беа околу 330 илјади гласови, се повеќе и поблиски до мојот политички кокнцепт кој го застапувам од концептот на противкандидатката. Меѓутоа овие информации, кои ги спомнав, ако се покаже за точни одат кон оштетување на моите потенцијални бирачи, гласачи, појасни Пендаровски.
Одговорајќи на новинарско прашање, Пендаровски рече дека според неговата проценка ќе има 40 отсто излезност во вториот круг.
Тоа мислам е уставна и законска обврска. Моја проценка е дека ќе има 40 проценти и тоа не би требало да биде проблем. Ако им се дозволува на сите гласачи слободно да ја искажат својата избирачка волја. Ако се прави вака како што слушам дека се прави во некои делови од земјата, тогаш освен што не е демократски, тогаш доаѓа во прашање дали ќе стигнеме до 40 проценти. Но, и ако има организирани опструирања на изборниот процес од овој тип, ако има велам, јас мислам дека сигурно ќе има 40 проценти на крајот на денот, изјави Пендаровски.
Прашан дали очекува влошување на односите со соседите членки на ЕУ и со Бугарија, Пендаровски изјави дека не може да предвиди.
Не можам да предвидам затоа што треба да видиме тие што ќе дојдат на власт, од денес, од утре натаму, новиот парламент, новата влада како ќе се постават кон тоа прашање. Меѓутоа вие можете многу добро да процените врз основа на ставовите коишто сме ги изнесувале во однос на македонско-бугарските реалции во изминативе три, четири, пет години и многу добро знаете дека на другата политичка страна од мојата се поригидни националистички ставови по тоа прашање, рече Пендаровски.