Факт е дека во делот од македонскиот фолклор е секое чудо за три дена. Но, сега очигледно дека чашата е прелеана и со Врховен суд и со М-НАВ кога е загрозено и македонското небо. За време на инцидентот прелетувале два авиона на НАТО и триесетина други авиони. Можно е да ни го одземат небото. Оваа работа нема да помине толку едноставно. И не е само тоа, има тотална партизација која не е само од сега. Македонија егзистира од избори до избори. Оној што е на власт, му се може и прави што сака. А мерит системот не може да не важи во М-НАВ каде што е во прашање безбедноста на европското небо, вели проф. Борче Давитковски од Правен факултет во емисијата 24 анализа на ТВ 24.
– Според мене најголема е одговорноста на Владата која имаше предупредувања од синдикатот и не презеде ништо. А луѓето гледаат. Еднаш мора да се прекине со ваквиот однос. Ако сакаме да бидеме сериозна држава. Денешните изјави на амбасадорите се срам за земјата, вели Давитковски.
Тој додава дека за развојот на државата не чини ако институциите „се доделуваат“ на партиите и директорите мора да се од таа партија кои потоа институцијата ја толкуваат како сопствен имот.
– Попусто министерот Бочварски кога преговараше со синдикатот на М-НАВ велеше дека таа институција е од стратешко значење. Се покажа дека тоа не е битно. Едноставно тие луѓе што влегоа таму не смееја да бидат таму, вели Давитковски и додава дека штом премиерот толкува закони тука нешто не е во ред.