Транспарентноста како основна цел на измените
Измените на законот за локална самоуправа предвидуваат можност за отповикување градоначалници пред истекот на нивниот мандат, со цел зголемување на транспарентноста и отчетноста на локалните функционери. Експертите нагласуваат дека оваа мерка треба да се применува според строго утврдени правила за да се избегнат злоупотреби.
„Ќе се обидеме преку консултативниот процес да изнајдеме оптимално законско решение. Ова ќе гарантира дека довербата или недовербата во градоначалниците ќе се одрази на начин кој нема да дозволи злоупотреби,“ изјави проф. д-р Александар Спасеновски, член на експертскиот тим кој работи на измените.
Овој процес и размислување за законски измени беше поттикнат од неспособноста на градоначалничката Данела Арсовска
Комунална полиција: Нов начин на справување со проблемите
Една од клучните измени е воведувањето на комунална полиција, која ќе биде задолжена за спроведување на комуналниот надзор.
„Надзорот ќе биде обврска за градоначалниците и ќе превенира девијантни појави, како несоодветно депонирање на отпад или уништување на урбана опрема. Ова ќе го заштити јавниот интерес и средствата што локалните самоуправи ги издвојуваат за овие цели,“ изјави министерот за локална самоуправа, Златко Перински.
Комуналната полиција ќе функционира под ингеренции на локалната самоуправа и нема да зависи од желбите на општинските раководства.
Дебата за подобрување на локалната самоуправа
Битола денес беше домаќин на првата консултативна средба за измените на законот. Претставници на централната и локалната власт, граѓани и експерти дебатираа за неопходноста од измени, кои се наметнаа по идентификуваните слабости во текот на 20-годишната примена на законот.
Процесот е поддржан од Швајцарската амбасада и УНДП, кои го поттикнуваат унапредувањето на локалната демократија.