Засега нема информација од кабинетот на претседателот на Парламентот, Талат Џафери кога ќе биде закажана седница за тие да бидат изгласани.

Измените на Изборниот законик во Собранието беа поднесени откако вчера лидерите на двете најголеми партии во државата СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски постигнаа финален договор во однос на употребата на фингер принтот на Локалните избори. Тие вчера се договорија исто така за одложување на пописот, кои, како што кажаа, би требало да се одржи во периодот од 5 до 30 септември и поради тоа ги пролонгираа и локалните избори за втората половина на октомври.

Според информациите од пратеничките групи, во измените на Изборниот законик доставени до Собранието се содржани условите за гласање со терминалите за отчитување на отисок од прст, процедурите и постапките како да постапат изборните органи доколку терминалот и резервниот терминал не работат.

Измените содржат и предлог за промена на терминот на локалните избори. Тие најверојатно би се одржале на 24 или 31 октомври.

Договорот за употреба на фингер принтер на локалните избори претходно беше постигант на ниво на работни групи на пратеничките групи.

– Денес сакам да ве известам дека поднесен е Предлог законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка, потпишан од сите пратенички групи. Во овој предлог закон измените предвидуваат две клучни работи, изјави денеска пратеникот Антонијо Милишоски на прес-конференција во Собранието.

Првата, како што рече е поместување на терминот за локалните избори за втората половина на октомври, што значи дека локалните избори би се одржале на 24 или на 31 октомври оваа година. Втората измена, додаде тој е што се овозможува ефикасна употреба и реализација на законската обврска за употреба на уреди за отисок на прст при гласање, што и овозможува на ДИК да биде на ефикасен начин поврзана со дата базата на МВР.

– Сметаме дека овие предложени измени ќе ја зголемат довербата во изборниот процес особено во едно за жал, поларизирано општество како што е нашето, додаде Милошоски.

ДИК, како што изјави нејзиниот претседател, Александар Даштевски, го очекува изгласувањето на овие измени на Изборниот законик за што поскоро да ја почне постапката за набавка на терминалите и за создавање услови за спроведување на ваков тип избори.