Израел ја бомбардираше Газа во текот на ноќта, велејќи дека целта била елитната единица на Хамас која водела смртоносни напади за време на викендот, а американскиот државен секретар денеска пристигна во Тел Авив за да покаже солидарност со Израел и да се сретне со арапските лидери, вклучително и Палестинците, објави Макфакс.

Израел го почна најмоќното бомбардирање во 75-годишната историја на својот конфликт со Палестинците, ветувајќи дека ќе го уништи движењето Хамас што владее со Појасот Газа како одмазда за најсмртоносниот напад врз Евреите по Холокаустот. Стотици вооружени лица на Хамас влегле во Израел и убиле најмалку 1.300 луѓе, главно цивили, со огнено оружје во нивните домови или на улиците.

Десетици заложници беа однесени во Газа. Израел ја стави енклавата под целосна опсада и досега уби околу 1.200 луѓе и рани околу 5.800 во бомбардирањето што уништи цели населби.

Околу 340.000 од 2,3 милиони жители на Појасот Газа се раселени поради војната, а околу 65 отсто од нив побарале безбедност во засолништа или училишта, соопшти Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања во Појасот Газа. Израел мобилизираше стотици илјади резервисти и формираше воена влада на национално единство, како подготовка за можен копнен напад врз Газа.

„Не е донесена одлука за копнен напад, но ние се подготвуваме за тоа“, изјави на почетокот на јули портпаролот на израелската војска, полковник Ричард Хехт.

Последните напади во текот на ноќта беа насочени кон елитната единица Нукба на Хамас, која ги предводеше нападите во саботата, изјави Хехт за новинарите. Палестинските вооружени лица сè уште се обидуваа да се инфилтрираат во Израел по море, а војската сè уште работи на обезбедување на оградата во Газа, рече Хехт.