Сепак, се додава дека вакцината сè уште е многу ефикасна во спречување на сериозни форми на болеста и таа изнесува 91 процент, и 88 проценти во спречување на хоспитализација на вакцинираните, пренесуваат денеска израелските медиуми.
Податоците се објавени три недели откако првпат беше откриен пад на ефикасноста на вакцината Фајзер против позаразниот Делта вид на вирусот. Се чини дека таа мутација доведе до зголемување на бројот на нови инфекции во Израел, и покрај брзата кампања за вакцинација. Повеќе од 5,7 милиони Израелци ја примија првата доза на вакцината, а над 5,2 милиони се целосно имунизирани.
Меѓу оние кои ги примиле двете дози на вакцина и се сметале за целосно имуни, 5.770 биле позитивни на вирусот од повеќе од милион тестови.
Израелското Министерство за здравство забележа остар пад на ефикасноста на вакцините врз основа на неодамнешните анализи кои сугерираат дека ефикасноста на вакцините опаѓа со текот на времето во спречување на инфекција, но и сериозни болести. Претходно, ефикасноста на вакцината Фајзер/Бионтек беше над 90 проценти, потсетуваат израелските медиуми.
Тие исто така ги пренесуваат резултатите од британското истражување објавено оваа недела во медицинскиот Журнал Нова Англија, кое покажува дека истата вакцина е 88 проценти ефикасна во спречувањето на симптоматскиот Ковид-19, што е повеќе од двојно од израелските податоци.
Некои аналитичари предупредија дека индикаторите за ефикасност на вакцините може да бидат неточни поради различни фактори, вклучувајќи го и прашањето дали има точни податоци за нивото на инфекција кај невакцинираните, што е од клучно значење.
И покрај наводниот пад на ефикасноста на вакцините, израелскиот премиер Нафтали Бенет синоќа ги критикуваше Израелците кои одбиваат да бидат вакцинирани, велејќи дека тие „го загрозуваат населението, преостанатите осум милиони граѓани“.
– Сите Израелци кои можат да бидат вакцинирани мора да бидат вакцинирани, рече Бенет и потсети дека околу милион Израелци кои можат да ја примат вакцината одбиваат да ја примат.
Ширењето на Делта сојот се припишува, меѓу другото, на големиот број патници на меѓународниот аеродром во Израел, кои не биле тестирани или изолирани при нивното пристигнување.
Покрај тоа, децата под 12-годишна возраст се подложни на вирусот, бидејќи не можат да примат вакцина.
Епидемиологот Надав Давидович, професор на универзитетот Бен Гурион, коментирајќи ги податоците за намалување на ефикасноста на вакцината во спречување на пренесувањето на вирусот, оцени дека сепак е одличен во спречување на сериозни болести и смрт.
– Затоа не можеме да се потпреме само на вакцинации, туку и на зелени пропусници, тестирања, маски и слично, рече тој, алудирајќи на пропусници за вакцинирани лица, оние кои прележале Ковид-19 и имаат негативен тест за да можат да присуствуваат на собири со повеќе од 100 луѓе и на отворено и на затворено. Тие пропусници ќе бидат повторно воведени на 29 јули, по одобрување од владата.
Епидемиологот исто така рече дека сите наведени податоци треба да се сметаат за прелиминарни, имајќи го предвид малиот број на позитивни пациенти во ова време.