По состанокот со највисоките претставници на одбраната, Нетанјаху соопшти дека Израел „ќе продолжи да дејствува колку што е потребно за да ги врати мирот и безбедноста за сите израелски граѓани“.

Судирите почнаа на 10 мај кога Хамас истрела ракети со голем дострел кон Ерусалим по повеќенеделните насилства околу џамијата Ал Акса во Ерусалим меѓу палестинските демонстранти и израелската полиција за време на муслиманскиот месец Рамазан.

Насилните немири избувнаа, меѓудругото, и поради заканата со иселување на палестински семејства од еден кварт во Источен Ерусалим, за во нив да влезат еврејски доселеници.

Во меѓувреме, Катар го осуди израелското бомбардирање на зградата на Катарската Црвена полумесечина во Појасот Газа, каде имаше мртви и повредени.

Како што утринава соопшти оваа заливска земја, со ваквата израелска операција се оштетени и делови од болницата „Хамад бин Калифа“ за протетика и рехабилитација, а во воздушниот напад од саботата е уништена и повеќекатницата во која беа канцелариите на катарскиот ТВ канал „Ал Џазира“.

Покрај тоа, оценето е дека нападите врз хуманитарните и медиумски институции е флагрантно кршење на меѓународното право.

Во соопштението на Министерството за надворешни работи се наведува дека „Катар потврдува дека нема да жали за своите напори да ја поддржи праведната палестинска цел и палестинските браќа“. Оваа земја од Заливот од 2018 година обезбедува 20 милиони долари месечно како помош за Газа.

Сите членови на јорданскиот Парламент денеска повикаа на протерување на израелскиот амбасадор од оваа земја и отповикување на јорданскиот амбасадор во Израел.

Тие, исто така, повикаа на поништување на мировниот договор меѓу двете земји од 1994 година.