Израелците, на повикот на опозицијата, 17-та сабота со ред изминатата ноќ излегоа на протестите ширум земјата, пред во понеделникот да започне седницата на Кнесетот (парламентот) и протестираа против правосудната реформа којашто сака да ја воведе десната влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Вообичаено најмасовниот протест се одржа во близина на комплексот владини згради во Тел Авив, каде што според 13-от канал на израелската телевизија се собрале 209.000 луѓе. Протестни собири на кои излегле десетици илјади демонстранти се одржале во Хаифа, Кфар-Сава и Нетања. Помали протести биле одржани во десетици други градови ширум земјата. Полицијата не објавува податоци за службените процени за бројот на учесниците на протстите.
На почетокот на јануари, владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху најави судска реформа која ќе ги намали овластувањата на судиите на Врховниот суд во корист на демократски избраните носители на законодавната и извршната власт и ќе го намали нивното влијание врз изборот на идните судии. Од друга страна, десетици илјади Израелци се собираат во градовите низ земјата секоја седмица, обично во сабота навечер, за да го критикуваат нацрт-законот и националистичко-религиозната коалициска влада што Нетанјаху ја состави во декември.
Израел нема устав, но улогата на уставот ја игра Декларацијата за независност и низа основни закони. Многумина во израелското општество, вклучително и претседателот на земјата, ги повикаа спротивставените страни да постигнат компромис и побараа од коалицијата да ги омекне своите првични предлози. На крајот на минатиот месец, владата попушти под притисок и го стави во мирување планот за реформи во правосудството, давајќи време за дополнителни консултации.
Нетанјаху на 27-ми март прогласи „пауза“ за да му пружи „можност (…) на дијалогот“, но мобилизирањето против реформата којашто нејзините критичари ја сметаат за антидемократска, е и натаму силна. Владата сака со реформата да ги намали овластувањата на Уставниот суд за кој вели дека е политизиран, па во иднина парламентот би можел да поништува одлуки на ова тело со просто мнозинство. Противниците на реформата, пак, сметаа дека може да отвори пат за „нелиберално и авторитарно застранување“.
Приврзаниците и противниците на реформите се обидуваат да го продолжат притисокот врз политичарите пред почетокот на парламентарната седница во понеделник.
Израелското општество силно се поларизираше, при што поборниците на најавените промени сметаат дека тие ќе вратат рамнотежата меѓу различните столбови на власта. Владата и нејзините приврзаници, така, тврдат дека промените се неопходни за да се скротат судиите кои дејствуваат активистички и агресивно продреле во сферите на парламентот и извршната власт.
Претседателот на државата Исак Хрцог еден месец преговара со претставниците на владата и на опозицијата за да се постигне договор за изгледот на реформата. Министерот за правосудство Јарив Левин, кој ја предложи реформата, им се обрати во четвртокот на илјадниците приврзаници кои се собраа во Ерусалим. Министерот за финансии, Бетзалел Смотрич, од Верски ционизам од крајната десница, кој исто така зборуваше на собирот, порача дека владата „нема да се откаже“ од реформата.