Сириските државни медиуми јавија дека неименуван воен претставник изјавил дека неколку ракети го погодиле делот од пристаништето каде се наоѓаат контејнери и дека тие биле зафатени од пожар.
Други детали за нападот не се соопштени.
Ретки се нападите на пристаништето Латакија, кое е од витално значење за сирискиот увоз, земјата разурната од децениската војна.
Сириската државна телевизија јави дека во пристаништето се слушнале пет експлозии и дека избувнал голем пожар, а противпожарните возила брзо успеале да го изгаснат.
Израелската армија досега не даде никаков коментар за настанот.
Израел во изминатите години изведе стотици напади врз цели во делот на Сирија што е под контрола на сириската Влада, но ретко презема одговорност и дава коментари за ваквите свои операции.
Во претходните напади, цел меѓу другото беше и аеродромот во главниот град Дамаск.