Пет лица истовремено извршуваат две функции, а 38 лица кои во месец март биле избрани и именувани не поднеле изјава за имотната состојба. Ова го утврдиле од Државната комисија за спречување на корупцијата при спроведената контрола.
Антикорупциска во согласност со своите законски надлежности редовно следи дали се почитува законската обврска за поднесување изјава за имотна состојба и интереси, како и законската забрана за истовремено извршување повеќе функции кои, согласно со закон, се неспоиви.
– Имено, ДКСК, по последната проверка во административната алатка за електронско поднесување изјави за имотна состојба и интереси, утврди дека пет лица истовремено извршуваат две функции. Поради тоа, за овие лица ќе бидат оформени предмети, при што по утврдување на фактичката состојба, доколку се утврди дека се работи за неспоиви функции, од нив ќе биде побарано да се откажат од една од функциите што ги извршуваат. Истовремено, ДКСК ќе иницира прекршочни постапки за прекршок согласно со член 44 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, казнив согласно со член 105 од истиот закон, соопшти ДКСК.
Исто така, од ДКСК, по извршената проверка утврди дека вкупно 38 лица, кои во текот на месец март 2026 година биле избрани, именувани или разрешени од функција, не ја исполниле законската обврска за поднесување изјава за имотна состојба и интереси до ДКСК во законски утврдениот рок.
Оттаму додаваат дека против овие лица ДКСК ќе иницира постапки за сторен прекршок согласно со член 82 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, казнив согласно со член 109 од истиот закон.
