Македонија активно се вклучи во новиот План за раст за Западен Балкан и ги засили напорите за реализација на четирите столба на планот: постепена интеграција во единствениот пазар на ЕУ, регионална економска интеграција, суштински реформи и зголемена финансиска поддршка – се наведува во извештајот на Европската Унија за напредокот на земјава, што официјално ќе биде претставен попладнево во Брисел.
Во документот до кој симптоматично дојдоа први медиумите блиски до опозицијата се додава дека клучните реформи поврзани со ЕУ е неопходно да се спроведат.
– Македонија ја задржа целокупната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и во однос на руската воена агресија врз Украина, со што испрати силен сигнал за својот стратешки избор за пристапување кон ЕУ и се покажа како доверлив партнер – стои во извештајот.
Натаму, во документот се наведува дека земјава продолжила да работи на комплетирање на сите потребни документи за исполнување на критериумите за отворање на кластерот 1 („Основи на процесот на пристапување“), но се додава дека не бил постигнат напредок во однос на усвојувањето на релевантните уставни измени, наведено во Заклучоците на Советот од 2022 година.
– Македонија продолжи со спроведувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, при што се состанаа и неколку заеднички тела предвидени со оваа спогодба. Меѓу нив беше и Комитетот за стабилизација и асоцијација, кој одржа состанок во април 2026 година – првпат по 2021 година – стои во извештајот.
Натаму се наведува дека земјава одржала добри односи со другите земји опфатени во процесот на проширување и продолжила со своето учество во регионалните иницијативи. Очекувано, и натаму се инсистира на несонованиот и неаргументиран влез на Бугарите во Уставот.
„Не беа преземени обиди за усвојување на соодветните уставни измени наведени во Заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година. Земјата се обврза да ги иницира и спроведе овие измени, со цел во Уставот да се вклучат граѓаните кои живеат во рамките
на државните граници и кои се дел од други народи, како што се Бугарите“, стои во оценката на ЕК.
Во извештајот се вели дека владината коалиција останува стабилна, додека напредок е постигнат во однос на реформите за локална самоуправа, иако се уште се очекува клучната легислатива.
Во однос на реформите во јавната администрација, во извештајот се нотира дека земјава е умерено подготвена во оваа област. Напредок е постигнат во проширување на опфатот на е-услуги и надградување на системот за електронско управување на документите.
– Во областа на правосудството и основните права, Македонија има умерено ниво на подготвеност во примена на аки-то (acquis) и во европските стандарди во оваа област. Во целост, наведува извештајот, напредокот во оваа област е ограничен. Земјата постигна напредок во развојот на патоказot за владеење на правото, со која се утврдуваат заложбите за наредните години во однос на понатамошното усогласување со правните текови на ЕУ и зајакнувањето на институционалните капацитети – стои во извештајот.
Во документот се истакнува дека Државната комисија за спречување на корупцијата треба да ја засили проактивната идентификација на потенцијални случаи на лошо постапување. -Случаите на корупција на високо ниво и понатаму се соочуваат со одложувања и често застаруваат, што придонесува за перцепцијата на неказнивост – пишува во извештајот.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос попладнево го претставува Пакетот за проширување за 2026 година, во кој се содржани извештаите на Европската комисија за десет земји кандидати за членство во Европската Унија.
Пакетот, во кој Европската комисија ќе го оцени напредокот на секоја од земјите кандидати, најпрвин ќе им биде претставен на членовите на Комитетот за надворешни работи (AFET) при Европскиот парламент. Потоа постојаните известувачи на AFET ќе подготват посебни резолуции за секоја земја, во кои ќе бидат содржани ставовите и препораките на Европскиот парламент за нивниот пат кон членство во Унијата.
