Случај со телесни повреди, закани со нож и оштетени членови на семејството
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 36-годишник, по сомнение дека сторил повеќе кривични дела поврзани со семејно насилство, телесни повреди и загрозување на сигурноста.
Според Обвинителството, инцидентот се случил синоќа околу полноќ во семејниот дом во Скопје, каде осомничениот физички ги нападнал сопругата и нејзината мајка.
„Со намера да ги вознемири и заплаши, осомничениот почнал да вика и да се заканува на сопругата и на нивните две деца на возраст од 6 и 4 години. Кога оштетената побарала да престане, тој ја фатил за рака и ја турнал, нанесувајќи ѝ телесни повреди“, соопштија од Обвинителството.
Во текот на настанот, како што се наведува, осомничениот кршел покуќнина и со клуб маса нападнал и ја повредил мајката на сопругата.
„Се заканувал дека сите ќе ги убие, па и дека ќе го задави сопственото дете, при што во еден момент извадил и нож со кој замавнувал, предизвикувајќи чувство на загрозеност, несигурност и страв кај оштетените“, стои во соопштението.
Сопругата успеала да ги повика нејзиниот брат и татко, по што осомничениот упатил закани и кон нив, а во инцидентот било вклучено и неговото куче од расата шарпланинец, кое каснало еден од оштетените.
Поради опасност од бегство и ризик од повторување на делото, Обвинителството до судот предложи определување мерка притвор.
