Јордански државјанин осомничен за измама е уапсен откако, според истрагата, ја украл банкарската картичка на Џони Деп и со неа потрошил повеќе од 600.000 евра.

Како што пишува Дејли Меил, познатиот актер наводно дури и не забележал дека огромна сума пари недостасува од неговата сметка повеќе од две години, сè додека неговата банка не ги означила трансакциите како сомнителни.

Истражителите ги следеле онлајн купувањата и на крајот уапсиле маж кој изнајмувал стан во Будимпешта.

Унгарските власти велат дека 27-годишниот осомничен користел украдени информации од кредитна картичка за да прави онлајн купувања и да прави резервации за сместување.

Полицијата истражува дури 308 одделни трансакции со вкупна вредност од повеќе од 620.000 евра.

Снимките објавени од унгарската полиција го покажуваат моментот на апсењето – полицијата го апси мажот и го води со лисици.

Унгарските истражители велат дека истрагата била отворена претходно оваа година, кога американска финансиска институција контактирала со унгарската канцеларија на ФБИ откако открила нелегални плаќања од сметката на клиентот.

Детективите подоцна утврдиле дека Џони Деп, според медиумите, не забележал стотици трансакции извршени помеѓу јануари 2024 и декември 2025 година.

Полицијата ја следела трагата на парите преку IP адреси, е-пошта сметки и унгарски телефонски број поврзан со резервации со украдената картичка.

За време на претресот на станот, полицијата запленила електронски уреди за кои верува дека биле користени во наводната измама. Во станот биле пронајдени и супстанции за кои се сомнева дека се наркотици, поради што против осомничениот е покрената дополнителна истрага за евентуално поседување дрога.

Истражителите тврдат дека осомничениот ги негира обвиненијата, но судот сепак му наредил притвор.

Полицијата сè уште се обидува да утврди како се добиени информациите за картичката American Express на Деп, а можните сценарија вклучуваат кражба на податоци, протекување на информации или компромитирана претходна интернет трансакција.

Во последниве години, Џони Деп често бил во Будимпешта за снимање разни проекти.

Унгарската полиција соопшти дека истрагата за наводната измама е сè уште во тек и дека не се исклучени нови апсења.