Mојот мајчин јазик ги живее најдраматичните и најкритичните моменти од своето постоење на долгата историска оска, пишува македонистката и професор од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ Елка Јачева-Улчар по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.

Денес, за оние на југот македонскиот јазик не постои, оти таму некој се договорил дека нема луѓе што зборуваат македонски. На исток, некој во моментов се договара дека нема Македонци што зборуваат македонски долу под Пирин. Дома некој безимен повторно се договори дека ќе му ја одземе сврзувачката моќ што ја имаше до неодамна: единствено средство за комуникација за сите што живеат во Македонија, независно колку ги има и што се по род. Без дури и помисла за скратување на јазичните права на немакедонците што се родиле и живеат тука. Мојот мајчин јазик ги живее најдраматичните и најкритичните моменти од своето постоење на долгата историска оска. И не е таа загроза само инострана, инојазична. На мојот мајчин јазик дома му е куса љубовта од младите Македонци. На мојот мајчин јазик му е кусо знаењето на учителите на младите Македонци. На мојот мајчин јазик му станува кус бројот на неговите говорители. На мојот мајчин јазик му е куса грижата за него од државата. На мојот мајчин јазик му е куса негата во јавниот простор. Многу нешта дома му се кусо на мојот мајчин јазик. Само едни нешта ич не му се куси: неговата уникатност на која се испишани страници и страници литература, неговата глаголивост на која се раскажни усно илјадници приказни, неговата милозвучност на која се испеани најубавите народни песни на Балканот… па затоа и ќе живее долго… толку долго колку што ќе живее и последниот човек што зборува МАКЕДОНСКИ…, пишува професорката.