Министерството за образование и наука инвестира околу 5,5 милиони евра во унапредување на образовната инфраструктура во Охрид. Со поддршка од Европската Унија и УНДП, целосно се реконструирани и опремени Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошески“, како и кабинетите и работилниците за практична настава во електро-машинскиот училиштен центар „Св. Наум Охридски“.

Следната голема инвестиција е темелната реконструкција на државниот студентски дом „Никола Карев“.

Реконструкција на гимназијата „Св. Климент Охридски“

Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска при денешната посета на гимназијата „Св. Климент Охридски“ во Охрид.

Заедно со претседателот на Владата Христијан Мицкоски и градоначалникот Кирил Пецаков, Јаневска изврши увид во градежните активности за реконструкција на покривот и замена на столаријата во училиштето.

Проектот, кој го реализира Општина Охрид, е вреден повеќе од 50 милиони денари.

„Честитки до локалната самоуправа за оваа значајна инвестиција, со која конечно ќе се надминат долгогодишните проблеми во гимназијата. Повеќе нема да има протекување на покривот, студени училници во зима или неподнослива жештина во лето. Учениците и наставниците ќе добијат значително подобри услови за работа и учење“, изјави Јаневска.

Над 139 милиони денари за стручните училишта

За темелната реконструкција и опремување на Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошески“ биле вложени повеќе од 120 милиони денари.

Дополнително, со 19,5 милиони денари биле обновени кабинетите и работилниците за практична настава во електро-машинскиот училиштен центар „Св. Наум Охридски“.

Со овие инвестиции се подобруваат условите за реализација на наставата и практичната обука на учениците во охридските стручни училишта.

Целосна обнова на студентскиот дом „Никола Карев“

Следниот капитален проект е целосната реконструкција на студентскиот дом „Никола Карев“, инвестиција вредна околу 200 милиони денари.

„Студентскиот дом ќе биде целосно обновен, енергетски ефикасен и современо опремен, со услови какви што заслужуваат студентите. Очекувам и ново, одговорно раководство кое успешно ќе управува со установата и нема да создава непотребни долгови“, рече Јаневска.

Министерката нагласи дека вкупниот инвестициски циклус на Министерството за образование и наука во Охрид изнесува околу 340 милиони денари, односно 5,5 милиони евра.

Според неа, вакви инвестиции во образованието не биле реализирани во минатото, а Министерството ќе продолжи со поголема грижа за учениците, студентите, наставниците и сите вработени во образовните установи.

Јаневска порача дека обврската е да се модернизира образовниот систем и посветено да се работи на достигнување на европските образовни стандарди.