Три луксузни апартмани на поранешниот премиер Никола Груевски во комплексот „Панорама резиденс“, одземени во рамките на предметот „Плацови на Водно“, повторно се понудени на јавна продажба.
Разгледувањето на недвижностите ќе биде организирано на 16 јули, додека јавното наддавање е закажано за 29 јули.
Модерно уредување, џакузи и панорамски поглед
Станува збор за три апартмани од висока категорија, со голема станбена површина, пространи тераси и поглед кон Скопје.
На фотографиите објавени од Агенцијата за управување со одземен имот може да се забележат модерно уредени простории, луксузна опрема, големи стаклени површини и џакузи поставено на една од терасите.

Два од апартманите располагаат со станбена површина од околу 200 квадратни метри, како и со тераси од речиси 50 квадратни метри.
За двата поголеми апартмани се бараат по 850.000 евра
Почетната продажна цена за секој од двата поголеми апартмани изнесува 850.000 евра, односно околу 4.250 евра за квадратен метар.
Третиот апартман е со површина од околу 150 квадратни метри и располага со балкон од 95 квадратни метри. Неговата почетна цена е утврдена на 760.000 евра.
Од продажбата на трите недвижности државата очекува да обезбеди најмалку 2,46 милиони евра.
Претходните обиди за продажба завршиле без купувач
Ова не е првпат апартманите да бидат понудени на продажба. Претходните обиди завршиле без купувач, а државата веќе продала други два стана поврзани со Груевски, лоцирани на улицата „Бихаќка“ во центарот на Скопје.
Недвижностите биле одземени по судската постапка за предметот „Плацови на Водно“, во кој поранешниот премиер Никола Груевски беше осуден на девет години затвор.
Предметот се однесуваше на незаконско присвојување 1,3 милиони евра од партиски донации и нивно користење за купување земјиште и изградба на недвижности.

Фото: Агенција за управување со одземен имот


