Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, ги отфрли обвинувањата од партијата Левица дека Министерството ги крие бодовите за студентските домови, нагласувајќи дека во јавноста се шират дезинформации и лажни вести. Според неа, објавени се и листите на примените и на непримените студенти со соодветни образложенија.
„Жалосно е што во јавноста се шират дезинформации или таканаречени лажни вести. Апсолутно тврдам, ранг-листите се објавени на примените, но објавена е и ранг-листа на непримените со објаснување зошто не се примени“, изјави Јаневска.
Таа појасни дека одбидени се студенти кои студираат седма или осма година, како и оние чии родители имаат енормно високи примања, потсетувајќи дека сите критериуми се јавно достапни во огласот. Во врска со забелешките за недостиг на образовни асистенти, министерката истакна дека нивниот број во моментов е на највисоко ниво досега.
„Немало никогаш поголем број асистенти отколку овие години. Во основното образование има околу 1.380 или 1.348 асистенти, а во средното 166. Има дополнителни барања за асистенти, конкурсот е во тек и завршува утре“, рече таа, додавајќи дека децата имаат поддршка од инклузивни тимови.
Во однос на ОУ „Киро Глигоров“, Јаневска најави дека се завршуваат дополнителните училници и се очекува наставата со физичко присуство да започне најдоцна до вторник.
