Јас не можам да одберам со кого кога ќе се сретнам затоа што можам да се сретнам со било кого само тогаш кога сум на домашно отсуство. Моето домашно отсуство започна точно тој ден кога излезе фотографијата и таа средба тогаш се случи, истакна Гордана Jанкулоска во гостување во емисијата „360 степени“ на МРT говорејќи за средбата со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Јанкулоска додаде дека немала долg период средба со Мицкоски.

-Да бидам искрена јас без оглед што сум оддалечена од дневно политичките настани и се она што се случува, мојот интерес не е намален. Така што таа средба освен како средба на стари пријатели и на луѓе што се познаваат беше и добра можност да се информирам за некои работи кои што до крај не ми беа јасни, рече таа.

Посочи дека со задоволство ја имала таа средба.

-И средбите и разговорите па и ставовите немам никаков проблем да ги кажам јавно, јас стојам зад тоа што го кажувам. Немам проблем ниту да се видам со некого што го почитувам, ниту да се видам со некого кој што сака да се види со мене, појасни Јанкулоска.

-Партијата односно ВМРО-ДПМНЕ не е еден човек, не е еден тим. Партијата е идеја. И сите ние се идентификуваме со таа идеја. Единството во партијата е многу значајно, и ВМРО-ДПМНЕ има легитимно избрано раководство. И токму тоа раководство кое е легитимно избрано и поддржано на Конгрес преку делегатите и мнозинството членови ја има мојата поддршка, укажа Јанкулоска.