Намалување на министерствата како тест за ново мнозинство

Словенија влегува во нова фаза на постизборно прегрупирање, откако парламентот ги усвои измените на Законот за влада со кои идниот кабинет би броел 14 наместо досегашните 19 министерства. Гласањето веднаш се протолкува како прв сериозен показател за можно парламентарно мнозинство околу десниот блок предводен од Јанез Јанша.

Измените беа изгласани со 49 гласа „за“ и четири „против“. Поддршката дојде од СДС, Нова Словенија, Словенечката народна партија, „Фокус“, „Демократи“, „Ресница“ и пратениците на националните заедници. Против гласаа пратениците на Левица, додека дел од Движењето Слобода и Социјалдемократите беа воздржани или отсутни.

Политичка неизвесност и битка за владина формула

Новата структура предвидува намалување на министерствата од 19 на 14, со задржување на еден министер без ресор. Иако формално ќе важи по изборот на нова влада, политичката тежина на гласањето веќе е очигледна – токму партиите што ја поддржаа измената се потенцијалната основа за ново владино мнозинство.

По изборите од 22 март, земјата се наоѓа во институционален застој. Движењето Слобода на Роберт Голоб освои 29 пратенички места, само едно повеќе од СДС со 28. Со оглед дека за мнозинство се потребни 46 пратеници, ниту еден блок не обезбеди стабилна коалиција.

Голоб, по неуспешните разговори, најави повлекување во опозиција, со што иницијативата се префрла кон Јанша. Сепак, и десниот блок сè уште нема јавно потврдена владина формула.

Клучна улога на парламентот и можни нови избори

Претседателката Наташа Пирц Мусар претходно одби да предложи мандатар, оценувајќи дека нема доволно сигурно мнозинство. Со тоа процесот се префрли во парламентот, каде пратениците ќе имаат можност самите да предложат кандидат за премиер.

Гласањето за намалување на бројот на министерства има двојна улога – од една страна како обид за рационализација на владата, а од друга како политички филтер за идната коалиција. СДС веќе најави дека ќе ги повика партиите кои ја поддржаа измената на разговори за коалициски договор.

Иако поддршката од 49 пратеници е значаен сигнал за Јанша, таа не значи автоматски и формирање влада. За враќање на премиерската функција, ќе биде неопходно оваа поддршка да се претвори во стабилно парламентарно мнозинство. Во спротивно, Словенија може да се соочи со нов изборен циклус.