Работна посета на Вашингтон за продлабочување на меѓународната соработка

Генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, престојува во Соединетите Американски Држави како дел од владината делегација заедно со министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, и министерот за локална самоуправа, Златко Перински.

„Во наредните неколку дена престојувам во Соединетите Американски Држави како дел од владината делегација… во рамки на работната посета што опфаќа учество на 74. Национален молитвен појадок во Вашингтон, настан со долга традиција кој обединува политички лидери, верски заедници и претставници од целиот свет“, напиша Јанушев.

Средби за сајбер-безбедност и дигитална трансформација

Посетата ја започнале со работна средба со Kozeta Garrett, генерален менаџер за сајбер-безбедносни услуги во Microsoft.

„На средбата разговаравме за клучни прашања поврзани со заштитата на дигиталниот идентитет, безбедноста на националните е-услуги и современите пристапи за детекција и одговор на сајбер-закани“, истакна Јанушев. Фокусот бил ставен на изградба на отпорни и доверливи системи кои обезбедуваат континуитет и високо ниво на безбедност на услугите што ги користат граѓаните и институциите.

„Во рамки на посетата се предвидени и дополнителни средби со претставници на меѓународни институции и организации, насочени кон продлабочување на соработката и отворање нови можности за институционално партнерство“, додаде Јанушев.