Јапонија планира да го намали увозот на јаглен од Русија и да воведе дополнителни санкции, согласно мерките што против Москва ги воведоа западните сојузници.
Министерот за индустрија Коичи Хагиуда денеска изјави дека Токио планира постепено да го намалува увозот на руски јаглен, со цел целосно запирање на увозот.
Премиерот Фумио Кишида претходно најави дополнителни санкции против Москва, цитирајќи извештаи за руските воени активности во Украина и за прв пат нарекувајќи ги „воени злосторства“.
Кишида рече дека Токио е во тесна комуникација и консултација со партнерите од Г7 Групата за да се утврдат дополнителни санкции кон Русија.
Групата Г7 на водечките индустриски земји ја сочинуваат Јапонија, САД, Канада, Франција, Велика Британија, Италија и Германија.
Инаку, 27-те држави-членки на Европската унија вчера го одобрија петтиот пакет санкции против Русија, што вклучува забрана за увоз на јаглен, дрво и вотка.