Службените лица од Полициската станица во Кочани пред околу пет месеци добиле пријава за уцена што ја доставила 46-годишната жена која утрово настрада во грозоморното убиство.
На 16. мај, во 11:30 часот, Т.М. пријавила дека подолг период била уценувана од У.Р. со кого биле во љубовна врска, дека ќе објави компромитирачки фотографии и видеа доколку не му даде пари. Од страна на инспектори во Надворешната кцеларија за криминалистички работи при Одделението за внатрешни работи – Кочани постапено е по пријавата. На 31. мај до Основното јавно обвинителство – Кочани е доставен поднесок – известување со службен материјал во прилог. Како дополнување на известувањето испратен е и службен материјал во прилог на 05. јуни 2023 година, истакнуваат од СВР – Штип.
Споделувајќи ги сведоштвата од пријателите на убиената жена, од ТВ Стар споделуваат и дека убиецот, кој наводно бил тешко болен од рак, ѝ се заканувал и зборувал дека тој нема да живее, но „нема ни таа“.
Од Основното јавно обвинителство – Кочани информираа дека се работи на расчистување на случајот и се истражуваат мотивите за убиството.
Основното јавно обвинителство Кочани изврши увид на лице место пред семејна куќа каде утрово беше лишена од живот жена на возраст од 46 години. Преземени се сите дејствија, наредена е обдукција на телото на починатата, обезбедени се траги и други докази кои ќе бидат предмет на вештачење. Од очевидци на настанот извршено е препознавање на осомничениот сторител на кривичното дело, кој е лишен од слобода. Се постапува за расчистување на настанот и за испитување на мотивите, истакнуваат од ОЈО – Кочани.
Граѓанските организации кои работат на заштита и поддршка на жртвите од семејно насилство, особено жените, нагласуваат дека надлежните институции тешко ги препознаваат заканите и можните последици.
Не се препознава ризикот од фемицид. Институциите, односно полицијата и центрите за социјална работа, имаат правилници кои им укажуваат како да прават проценка на ризикот за секоја пријава што доаѓа кај нив. Некогаш пријавите ги регистрираат како поплаки и не преземаат ништо, иако се должни да направат проценка колкав е ризикот за безбедноста и сигурноста на жената која пријавува каков било обид за насилство. Агонијата на жената од Кочани траела седум години, а нејзината пријава не била сфатена сериозно. Ако се прави подобра проценка на ризикот, ќе можеме да ги антиципираме случаите каде што постои опасност од фемицид, односно убиство, истакна Благица Кирова од Едукативно-хуманитарната организација ЕХО од Штип.
Според законските одредби уцената се смета за сериозно кривично дело за кое е предвидена затворска казна до пет години.