Градоначалникот на Струмица реагира по дебатата на 24 Вести

Актуелниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, го искористи својот профил за да му реплицира на кандидатот за градоначалник од СДСМ, Марјан Даскаловски, по синоќешното гостување на телевизија 24 Вести. Костадинов нагласи дека неговиот коментар не е како противкандидат, туку како човек кој сака да го зачува достоинството на партијата и граѓаните.

„Чувствувам должност да се обратам не како противкандидат, туку како човек што сака да го сочува достоинството на СДСМ и да спречам чувство на срам кај секој струмичанец и струмичанка што ја следеше оваа дебата“, истакна Костадинов.

Тој објасни дека анкетите што беа коментирани се интерни истражувања нарачани од самата партија за нејзини потреби.

„Во тие анкети, кои беа познати на целата организација, јас водев убедливо како потенцијален кандидат. Затоа, доколку има храброст и чесност, нека бидат јавно објавени“, додаде градоначалникот.

Искуство и посветеност на Струмица

Костадинов се осврна и на својот долгогодишен пат во СДСМ. Тој е член од 2008 година и бил дел од 1Б месната организација, со искуство во сите клучни изборни процеси.

„Сите избори и кампањи ги водевме со чест, посветеност и волонтерски жар, со една цел – добро за граѓаните на Струмица“, рече Костадинов.

Тој потсети дека во 2013 година првпат ја добил довербата на граѓаните како советник во Советот на Општина Струмица, а во 2016 година бил назначен за заменик-градоначалник, а потоа и за вршител на должност градоначалник. Истата година станал и пратеник во Собранието на Република Македонија.

„Секој чекор од мојот пат е искуство стекнато со работа, чесност и дисциплина. И затоа, како човек, како член на СДСМ, и како кандидат, апелирам на достоинство, мир и вистина“, порача Костадинов.