Бране Петрушевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, во гости во емисијата „Колегиум“ на телевизија Алфа, коментираше дека обраќањето на премиерот Христијан Мицкоски пред 81. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк ја потврди јасната геополитичка ориентација на државата и потребата за предвидлив пат кон Европската унија.
Како клучна порака од говорот, Петрушевски ја нагласи важноста на мерливите правила и критериуми во евроинтегративниот процес:
„Се потврди нашата геополитичка ориентација, стратешкото партнерство со НАТО, САД и ЕУ. Во делот на евроинтегративниот процес на Македонија, ние не бараме полесен пат, ние бараме предвидлив пат заснован на мерливи правила и критериуми.“ – Бране Петрушевски.
Тој посочи дека легитимитетот извира од граѓаните, а не од политичката функција, и издвои пример со Македонија каде, како што рече, биле исполнувани бројни барања без да се обезбеди предвидливост на патот кон ЕУ.
Покрај тоа, Петрушевски го истакна делот од говорот посветен на унапредување на државата преку модерни технологии, дата центри и вештачка интелигенција:
„Во делот на модерните технологии, дата центрите, вештачката интелигенција, поврзувајќи го тоа со еден современ суверенитет, тоа не значи изолација, туку силна економија веќе станува дел од една национална безбедност и силна економија значи и поголем суверенитет.“ – Бране Петрушевски.
Со ова обраќање, според Петрушевски, Македонија испраќа јасна порака дека бара компромис кој ќе донесе предвидливост, а не постојани нови барања за напредување кон ЕУ.
