Во населеното место Куклиш, кое припаѓа на Општина Струмица, денеска свечено беше пуштено во употреба новото мултифункционално спортско игралиште. Овој значаен проект е реализиран преку донација од Видеолотарија Касинос Австрија во вкупна вредност од 4.350.000 денари.

Новоизграденото игралиште претставува голема придобивка за жителите на Куклиш, особено за најмладите, децата и младинците, кои со ова добиваат современ и целосно функционален терен наменет за спорт, рекреативни активности и меѓусебно дружење. Овој проект е позитивен пример за успешната соработка меѓу општествено одговорните компании и единиците на локалната самоуправа со цел создавање трајни вредности во заедницата.

„Веруваме дека вложувањето во спортот е вложување во здрави генерации, во заедништво и во можности за секое дете. Едно спортско игралиште не е само уреден простор, тоа е место каде што се создаваат пријателства, се учи тимската работа, се развиваат талентите и се градат здрави навики. Затоа ни е особено драго што со оваа донација придонесуваме децата и младите од Куклиш да добијат простор во кој ќе можат да спортуваат, да растат и да ги остваруваат своите потенцијали“, истакна маркетинг директорката на Видеолотарија Касинос Австрија, Чадиковска.

На свеченоста се обрати и градоначалникот на Општина Струмица, Јанков, кој ја нагласи огромната важност на ваквите капитални инвестиции за унапредување на спортската инфраструктура и условите за рекреација на локалното население.

Преку реализацијата на оваа финансиска донација, компанијата ја потврдува својата долгорочна определба за континуирана поддршка на проекти од широк јавен интерес, насочени кон децата, младите, спортскиот развој и унапредувањето на квалитетот на живот во локалните заедници.