Ден за високи гости беше реализиран денеска на армискиот полигон Криволак. Во рамките на меѓународната воена вежба „Брз одговор 2025“. Учествуваат припадници од армиите на Македонија, САД, Република Албанија, Грција, Италија, Црна Гора, ОК, Австрија и Косово. Меѓународната вежба е дел од најголемата НАТО – вежба оваа година на тлото на Европа, „Defender 25“.
На воена вежба на армискиот полигон „Криволак“ учествуваат над 2.200 армиски припадници од земјите – учеснички
Во текот на денешниот ден, пред многубројни гости меѓу кои и претседателот на Владата Христијан Мицкоски, беше изведена теренска тактичка вежба.
Претседателката на Македонија и врховен командант на вооружените сили, Гордана Сиљановска Давкова рече дека мирот нема алтернатива. Тој е избор на храбрите, завет на посветените и обврска на секој што ја носи униформата со чест.
– Денеска, овде, на полигонот „Криволак“, не испишуваме само уште една успешна страница во историјата на нашата армија, туку ја потврдуваме определбата да бидеме дел од оние што го штитат мирот како врвен цивилизациски истакна таа.
Додаде дека оваа вежба не е само демонстрација на воена моќ. Таа е манифест на солидарност, симбол на единство. Потсетник дека само заедно можеме да им се спротивставиме на заканите коишто ги загрозуваат мирот и стабилноста.
– Во време на глобални безбедносни закани, кога светот е растргнат меѓу војните и надежта, нашата армија демонстрира интероперабилност, професионалност и подготвеност да дејствува рамо до рамо со сојузниците, во одбрана на слободата, достоинството и човековите права. Нашето членство во НАТО не е само политичка формалност, туку стратегиска определба, израз на нашата волја и решеност да бидеме дел од колективниот одговор на современите предизвици и дилеми, нагласи таа.
Безбедноста на народот е врховен закон, за нас, подвлече претседателката
Таа рече дека оваа вежба е порака дека армиите не се само чувари на границите, туку бранители на клучните вредности. Таа е сведоштво дека македонската држава и покрај сите предизвици, стои цврсто на страната на мирот, безбедноста и заедништвото.
– Особено значајно е што оваа вежба се совпаѓа со 32-годишнината од партнерството меѓу Националната гарда на Вермонт и македонската држава – симбол на нашето длабоко, цврсто и долгорочно пријателство со Соединетите Американски Држави, како столб на трансатлантската безбедност, рече Сиљановска Давкова.
Притоа изрази благодарност на храбрите војници за пожртвуваноста, трудот и посветеноста и за заедничката визија за безбедна иднина.
– Овој ден нека биде потсетник дека слободата не е случајна, туку плод на идејна определба и постојана борба за неа. Нека биде инспирација за секој млад човек којшто ја гледа Армијата како место каде што чесно и одговорно се служи, но и се учи како да се сака и брани татковината. Денеска, уште еднаш, ја потврдивме нашата определба да бидеме на страната на мирот, но и да сме подготвени, ако и кога е потребно, да го браниме со сите сили.Тоа е наше право. Тоа е наша должност.
Министерот за одбрана, Владо Мисајловски рече дека вежбата претставува јасна демонстрација. Посветеноста на македонската Армија кон националната и регионалната безбедност, како и стабилноста на Алијансата.
– Преку планирање, организација и реализација на ваков тип на вежби заедно со американската Армија, Командата на Копнените сили на САД за Европа и Африка, ја зајакнуваме подготвеноста на НАТО и интероперативноста меѓу нашите сојузници и нашите партнери. На овој начин ги унапредуваме способностите за одвраќање и одбрана и ги зацврстуваме националните безбедносни и одбранбени планови и одбранбените планови на Алијансата, додаде тој.
Притоа рече дека денешниот успех е резултат на посветеноста и работата на секој еден припадник во Армијата.
– Дополнително, вежбата преставува и силна потврда за подготвеноста на припадниците на декларираната Лесна пешадиска баталјонска група во пресрет на претстојното оценување во 2026 година. Како земја домаќин на вежбата сакам да ја потенцирам важноста и стратешката позиција на нашиот полигон за обука „Криволак“ кој е уникатен капацитет за извежбување со можност за реализација на вежби од големи размери, истакна Мисајловски.
Началникот на Генералштабот на Армијата , генерал мајор Сашко Лефчиски изрази задоволство од настанот. Рече дека во услови на сложена геополитичка реалност, оваа вежба има за цел да демонстрира динамичко распоредување на сили во Европа. Потребата од заедничко дејствување е поголема од било кога, додаде тој.
– Дека заедно сме посилни и поспособни, да ги заштитиме демократските вредности, мирот и слободата, истакна Лефчиски.
Тој се заблагодари на дадената доверба да бидеме домаќини, на оваа, исклучително важна вежба. Задоволство од професионалноста на учесниците во вежбовните активности изрази и заменик командантот на националната гарда на САД, генерал мајор Левон Камптон.
– Сакам да ја изразам нашата исклучителна благодарност на Северна Македонија за нејзината импресивна и непоколеблива посветеност на регионалните мир и безбедност. Северна Македонија не е едноставно и само сојузник на НАТО, вие сте вреден безбедносен партнер и регионално и во глобални рамки. Вашата посветеност на колективната безбедност е навистина за пофалба, подвлече тој.
Како што беше истакнато, цел на вежбата е подобрување на сојузничките воени способности. Притоа, подвлечено беше дека настанот претставува пример за успешна меѓународна соработка.
Извор: Курир