Група од 29 граѓански организации, универзитетски професори и архитекти упатија јавен повик до премиерот Зоран Заев за поддршка на суспензијата од Општина Центар за Деталниот урбанистички план (ДУП) ЦО8 (паркингот спроти х. „Холидеј Ин“), како и други ДУП-ови коишто не се усогласени со Генералниот урбанистички план (ГУП).

Бараат Владата да ја поддржи суспензијата од Општина Центар за ревидирање на ДУП ЦО8, како и сите други ДУП-ови кои со стручна анализа се докажани како неусогласени со ГУП, а Министерството за транспорт и врски и Градот Скопје да се произнесат и да се обврзат дека нема да издадат согласности за ДУП-ови кои не се усогласени со ГУП, со Уставот, како и со законите. Повикуваат за поддршка на барањето за законито работење и на други институции и органи како што се инспекторатите за урбанизам и за градежништво, државниот правобранител и, како што велат, сите оние кои досега ги одобрувале плановите спротивно на ГУП-от и интересот на граѓаните. Во јавниот повик наведуваат аргументи зошто сметаат дека ДУП-от е спротивен на интересите на граѓаните и на ГУП.

-Ние, долупотпишаните граѓански организации, тргнувајќи од јавниот интерес како врвен принцип на водење и практикување политика, Ве повикуваме Вас како премиер, Владата и сите надлежни институции, во најитен можен рок јавно да се произнесете и да покажете суштинска волја за борба против урбанистичкото дивеење и распродавањето на јавниот интерес, односно воспоставувајќи систем на владеење на правото, а во врска со Деталните урбанистички планови (ДУП-ови) во Скопје, се вели во јавниот повик.

Се додава дека еден од многуте, но само последен драстичен пример е ДУП за градската четврт Ц08 Ново Маало 2 (паркингот спроти хотел „Холидеј ин“), парцела за која,како што се посочува, Државната комисија за спречување на корупцијата најави дека ќе истражува дали окрупнувањето на земјиштето кај оваа локација е незаконско и ќе се испитува дали се прекршени основните начела за заштита на животната средина со изградбата на предвидените висококатници.

-Јавниот интерес и правото на живот во здрава и чиста животна средина мора да е врвно начело на управување со државата. Обврска на Владата е да го одржува и штити јавниот интерес и да интервенира кога е тој загрозен, а по потреба и да санкционира, се вели во јавниот повик и се потсетува дека ДУП-от Изменување и дополнување на Детален урбанистички план Голем Ринг јужен дел – исток (опфат меѓу улиците: ул. „Васил Аџиларски“, река Вардар, бул. „Кочо Рацин“ и ул. „Мирче Ацев“) за плански период 2012-2017 г., донесен со Одлука на Советот на Општина Центар-Скопје бр. 07-9816/10 на 21.12.2012 година беше ставен под т.н. „мораториум“, односно неизвршување, со стручно докажани бројни аргументи за прекршувања на параметрите од Генералниот урбанистички план на Град Скопје. Сепак, Министерството за транспорт и врски дозволи продажба на државното земјиште по тој ДУП, се појаснува во јавниот повик.

Изработката на новиот ДУП за Градска четврт Ц08 Ново Маало 2 (ново именување), се посочува, ја доби повторно истата приватна фирма која го изработила претходниот спорен план во 2012 година, а сега со цена од само еден (1) денар по хектар, што отвора простор за сомнеж за тоа според чии интереси таа ќе постапува.

-Фирмата го одолговлекуваше процесот во период од две години и не постапуваше по забелешките на Комисијата за урбанизам формирана од градоначалникот Богдановиќ, со што ја спречи Општината да донесе коригиран план пред одлуката на Уставниот суд. Општина Центар го раскина договорот, но предоцна. Отскоро стапи на сила стариот спорен план, што веројатно беше и идејата на планерот. Постапката за изработка на нов детален урбанистички план за Градската четврт Ц08 Ново Маало 2 започна заедно со планската програма која е сржта на планот и на вредностите на кои тој ќе се базира. Но за жал, програмата беше прекината и треба да стартува одново и според новиот Закон за урбанистичко планирање. Планерите мора да ги испочитуваат тие насоки,се вели во јавниот повик.

Со молчењето на Владата и покрај бројните реакции на јавноста, се нагласува, се создава впечаток дека не се почитува интересот на граѓаните, ниту пак стручното мислење зошто овој ДУП не смее да се извршува. Државната комисија за спречување на корупцијата отвори постапка за утврдување на ризици за склучување на коруптивни договори при јавни набавки за изработка и ревизија на ДУП-овите во Општина Центар. Владеењето на правото во една држава се гледа и во пристапот кон решавањето на просторот кој е необновлив ресурс во урбаните средини.

-Сметаме дека оваа локација заслужува отворен архитектонски конкурс и максимално инклузивен процес во донесувањето на планот. Градската четврт Ц08 Ново Маало 2 е последна поголема неизградена локација во центарот на градот. Таа е ултимативната шанса за Скопје која мора да се искористи во име на граѓаните, а не во интерес на инвеститорите. Во сите претходни плански документации (почнувајќи од планот на Кензо Танге) оваа локација се именува како „Републички центар со републички плоштад“ и е препознаена како локалитет од државно значење. Затоа бараме од Вас јавно да покажете дека не го поддржувате финалното уништување на главниот град со реализација на лоши планови,му порачуваат на премиерот Заев.

Очекуваме, додаваат, институциите на системот да ги стават граѓаните на прво место и да преземат конкретни чекори. Во спротивно ќе побараме политичка и кривична одговорност за сите соучесници во урбанистичкото дивеење врз градот.