Општина Струмица денеска објави јавен повик за вклучување на евидентирани невработени лица во Програмата „Општинско – корисна работа“ во рамките на проектот „Посветена општина – среќни граѓани“.

Како што се наведува во повикот, тој се однесува за активните баратели на работа со лиценца за негувател кои се заинтересирани за работно ангажирање од 40 работни часа неделно во период од 9 месеци во детските градинки „Детска радост“ и „Виножито“ заради стекнување практични вештини и постепено вклучување на пазарот на трудот.

„За кандидатот кој ќе биде избран и вклучен во Програмата се предвидува паричен месечен надоместок во висина од 24 илјади денари бруто износ, со вклучен данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест“, стои во повикот.

Заинтересираните невработени лица пријава за учество во Програмата „Општинско-корисна работа“ можат да поднесат во Агенцијата за вработување – Центар за вработување Струмица, во периодот од 02.11.2026 година до 06.11.2026 година, од 08:00 до 14:00 часот.