Од Министерството информираат дека јавниот долг во третиот овогодишен квартал забележа намалување од 3,8 процентни поени во однос на второто тримесечје од 2021 година, односно од 63,1 отсто се намали на 59,3 проценти од БДП.
Согласно денеска објавените податоци на Министерството за финансии, јавниот долг изнесува 6.950,7 милиони евра, додека на 30 јуни.2021 изнесувал 7.386,8 милиони евра.
– Намалувањето на долгот се должи пред се на исплатата на Еврообврзницата издадена во 2014 година, во износ од 500 милиони евра. Значајно е дека и покрај рецесијата, Владата успешно настапи на глобалните пазари на капитал и средствата за оваа Еврообврзница беа обезбедени со издавање нова Еврообврзница во март 2021 година со историски најниска каматна стапка од 1,625 проценти. Министерството за финансии цврсто стои на својата заложба за стабилизирање на долгот и негово позиционирање на ниво до 60 проценти од БДП што е во рамки на Мастришкиот критериум, се наведува во соопштението.
Од таму додаваат дека до 2026 година, проекциите во Стратегијата за управување со јавниот долг се дека тој ќе се стабилизира и ќе се намали на 57,7 отсто, додека државниот долг ќе се сведе на 50,7 проценти.
– Тоа ќе се реализира преку Планот за фискална одржливост со кој се обезбедува постепено стеснување на вкупниот буџетски дефицит од 4,9 отсто во 2021 година на 2,2 проценти во 2026 година, а преку подобрување на наплатата на буџетските приходи, намалување и реструктуирање на буџетските расходи и промени во изворите на финансирање на буџетскиот дефицит, соопштуваат од Министерството.
Како што велат од таму сето ова е насочено кон забрзан економски раст, кој пак согласно донесениот План за забрзан економски раст во наредните пет години треба да придонесе за двојно зголемување на стапката на БДП
– Во однос на просекот во изминатите 10 години и од 2,5 проценти просечно годишно да имаме стапки на раст на БДП над 5 проценти до 2026 година, како и инвестиции кои се проценуваат на 12 милијарди евра. Важно е дека од предвидените 4 милијарди се инвестиции од јавниот сектор, а тие ќе генерираат дополнителни 8 милијарди евра приватен капитал. Концептот е така воспоставен што не генерира дополнително задолжување и даночни оптоварувања на граѓаните, се наведува во соопштението.
Потенцираат дека кризата предизвикана од Ковид-19 и справување со последиците наметна потреба од обезбедување дополнителни средства за мерки во здравствениот сектор и поддршка на економијата и граѓаните, што влијаело на зголемување на долгот во скоро сите земји, вклучително и во државава.
– Но, исправните политики и навремените мерки кои изнесуваат над 1 милијарда евра, покажаа дека земјата се справува со кризата, а притоа обезбедува и фискална консолидација. Јавниот долг на крајот на 2020 година изнесуваше 60,2 отсто, во првиот квартал 2021 изнесува 61,2 отсто, во вториот квартал 63,1 и сега на крајот на третиот квартал се спушти на 59,3 отсто, се додава во извештајот.
Податоците за нивото на јавниот долг Министерството за финансии транспарентно ги објавува на својата веб страна на квартално ниво. Воедно во рамки на фискалниот бројач Министерството за финансии објавува месечни податоци за висината на државниот долг.