Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција започна истрага против 13 физички лица и едно правно лице поврзани со набавките на мазут за ТЕЦ Неготино, по предистражна постапка иницирана од Антикорупциската комисија. Истрагата открива сериозни финансиски малверзации во износ од 167.549.985 евра, но владејачките партии ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, тврдат дека штетата не е само финансиска – граѓаните биле изложени на канцероген мазут, загрозувајќи го нивното здравје.
Јавното обвинителство: Финансиски криминал од 167 милиони евра
Јавното обвинителство соопшти дека истрагата опфаќа периодот од 2021 до 2023 година, кога двајца осомничени, основачи и управители на правно лице, заедно со вработени во АД Електрани на Северна Македонија, спровеле незаконски набавки на мазут за ТЕЦ Неготино, предизвикувајќи штета од 167.549.985 евра.
„Во текот на 2021-2023 година, двајца осомничени, во улога на основачи и раководители на правното лице, намерно ги прекршиле правилата за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино, доставувајќи лажни документи. Со цел да го заобиколат договорот, не ги исполниле своите обврски и ги прекршиле нормите, обезбедувајќи голема финансиска корист за правното лице, на штета на буџетот во износ од 10.304.324.094 денари, односно околу 167.549.985 евра. Во ова учествувале и осомничени вработени во АД Електрани на Северна Македонија на високи позиции, како генерален директор, директори на сектори, и членови на комисии за набавки, спроведувајќи незаконски постапки спротивно на Упатството за набавки во АД ЕСМ, игнорирајќи ги начелата на сразмерност, конкуренција, еднаквост и недискриминација. Знаејќи дека правното лице не ги исполнува условите, овозможиле склучување договори за испорака на мазут до 24 февруари 2023. Придобивките од криминалот ги пуштиле во оптек, менувале и префрлале на други со цел да го сокријат потеклото, од декември 2021 до април 2023, купувајќи два автомобила ‘Mercedes Benz’, префрлајќи средства на свои сметки и подигајќи ги во готово. Дополнително, преку договор за посредување и анекс со друг осомничен, во два наврати префрлиле 72.000.000 денари за наводни услуги, што биле само параван за трансакциите, а средствата потоа биле префрлени на друго правно лице под изговор на заем за да се прикрие нивниот извор“, соопшти Обвинителството.
Истрагата ги вклучува „РМК“, нејзините сопственици Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, Асмир Јахоски од „Пуцко Петрол“ (син на пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски), поранешниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски и други функционери.
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ го труе народот со канцероген мазут
ВМРО-ДПМНЕ остро го нападна СДСМ и Венко Филипче, обвинувајќи ги за лицемерие поради увоз на канцероген мазут.
„Ова е врв на лицемерието кога СДС и Венко Филипче покажуваат лажна загриженост за загадувањето, а нивниот пратеник и бизнисмен Исмаил Јахоски го труел народот со мазут заради лична корист. Денес од СДС нема глас за загадениот воздух, туку само тишина, додека нивните сојузници заради провизии го труеле народот со канцероген мазут. Колку училишта и министерства купувале од овој отровен мазут од кругот на Филипче?“, прашаа од ВМРО-ДПМНЕ.
ВЛЕН: ДУИ во криминална мрежа со Груевски и Мијалков
ВЛЕН ги насочи обвинувањата кон ДУИ, тврдејќи дека случајот открива врски со Никола Груевски и Сашо Мијалков.
„Овој случај потврдува дека сите врски на раководството на ДУИ се насочени кон Никола Груевски и Сашо Мијалков. Ратко Капушевски, поранешен соработник на Груевски во Борис Трајковски, се здружил со Мијалков и Сергеј Самсоненко во нафтен бизнис, соработувајќи со Асмир Јахоски од Пуцко Петрол, доверба на Али Ахмети. Со акција на МВР, овој криминален сојуз е под сомнение за извлекување 10 милијарди денари преку лажни договори за штетен и отровен мазут“, соопштија од ВЛЕН.
Мицкоски: Канцероген мазут го загрози животот на граѓаните
Премиерот Христијан Мицкоски го осуди криминалот, истакнувајќи ги последиците од канцероген мазут.
„Овие лица што стекнале стотици милиони евра на сметка на граѓаните, се збогатиле искористувајќи ги македонските граѓани со употреба на забранети материјали и согорување на штетни супстанции, со што го загрозиле нивното здравје и го прекршиле основното уставно право на живот на сите граѓани“, изјави тој.
Еколошки сомнежи и одговор од Обвинителството
Медиумите укажуваат на „повисоко ниво на сулфур и штетни метали“ во мазутот, што може да наштети на здравјето, почвата и водата, но Јавното обвинителство не го споменува квалитетот во истрагата, фокусирајќи се на финансиски криминал. На прашање дали ќе се испитаат овие наводи, Обвинителството одговори:
„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги истражува сите аспекти на случајот, па не се исклучува можноста за проширување на истрагата, вклучувајќи и други осомничени или други кривични дела, врз основа на веѝ собраните и идните докази“, соопштија тие.
Претходни истраги и казни
Случајот потекнува од 2021 година, кога истражувањето „Заговор против воздухот“ на ИРЛ откри неправилности во увозот на мазут. Љупчо Николовски објави дека на седум компании, вклучувајќи ја „РМК“, им биле изречени казни од 55.510 евра, а Крешник Бектеши потврди дека „РМК“ увезувала различен производ од декларираниот, за што платила казна од 24.000 евра. Истрагата започна дури сега, по пет години, со можност за проширување кон еколошките последици.
Извор: Fokus